Хроника
Кавадарчанец лишен од слобода по две пријави за закани и напад со предмет, му биле измерени 1,59 промили алкохол во крвта
Кавадарчанец бил лишен од слобода по две пријави за закани и напад со предмет, му биле измерени 1,59 промили алкохол во крвта, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
– Вчера во 13:00 часот во село Крњево, кавадаречко, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишија од слобода кавадарчанецот Г.Т.(32), постапувајќи по две пријави. Според пријавеното, во близина на село Крњево, тој застанал пред патничко возило „ауди“ со кавадаречки регистарски ознаки, што го управувал Д.Б.(53) од Кавадарци со двајца сопатници, при што им се заканувал со остар предмет – соопштија од СВР Велес.
Неговите родители се обиделе да му го одземат предметот, а тој бегајќи од нив паднал и се повредил.
– Според втората пријава од Б.Ј.(71) од Кавадарци, околу 11:30 часот во близина на село Бохула, кавадаречко, Г.Т. му се заканувал и го нападнал со дрвен предмет. По преземени мерки и извршени проверки, било констатирано и дека Г.Т. е под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,59 промили алкохол во крвта – споделија од Секторот за внатрешни работи Велес.
Тој бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настаните, против него ќе биле поднесени соодветни пријави.
јули 27, 2026
