Свет
Белгија забележа еден од најсмртоносните денови во 21 век за време на јунскиот топлотен бран
Белгија за време на јунскиот топлотен бран забележа една од највисоките дневни стапки на смртност во 21 век, покажуваат прелиминарните податоци што денеска ги објави националниот завод за статистика Статбел.
Според податоците, на 27 јуни починале околу 650 лица, а на 28 јуни 640 лица, што ги прави овие денови меѓу најсмртоносните во овој век.
Според Статбел, единствено на 8 и 10 април 2020 година, во екот на пандемијата на Ковид-19, биле регистрирани споредливи или повисоки дневни бројки, со 641, односно 675 починати.
Прелиминарните податоци се однесуваат на јуни, кога, според Кралскиот метеоролошки институт, топлотниот бран во Укл, во Бриселскиот Регион, траел од 17 до 28 јуни.
Во текот на јуни во Белгија биле регистрирани вкупно 9.741 смртен случай, од кои 5.351 во Фландрија, 3.582 во Валонија и 808 во Бриселскиот Регион.
Статбел соопшти дека податоците се засноваат на извод од Националниот регистар од 18 јули и ја опфаќаат вкупната смртност, без оглед на причината.
Од институцијата нагласуваат дека станува збор за прелиминарни податоци, кои сами по себе не може да се користат за заклучок дека имало прекумерна смртност или дека постои директна причинско-последична врска со топлотниот бран.
За таква проценка, наведува Статбел, потребни се дополнителни анализи што ќе ги земат предвид очекуваната смртност, старосната структура на населението, здравствената состојба, локалните услови и споредбите со претходните години.
Конечните статистички податоци за смртноста и населението за 2026 година се очекува да бидат објавени во средината на 2027 година.
јули 24, 2026
