Connect with us

Свет

Меѓународна операција на Европол: Запленета небезбедна храна вредна речиси 80 милиони евра и уапсени 79 лица

Во меѓународна операција против измами со храна, координирана од Европол, запленета е храна во вредност од речиси 80 милиони евра (88 милиони долари), уапсени се 79 осомничени и разбиени се 18 организирани криминални групи, соопшти денеска во Хаг полициската агенција на Европската Унија.

Шестмесечната операција опфати 57 земји, а беше поддржана од Европската комисија и од Меѓународната организација на криминалистичката полиција (Интерпол).

Истражителите заплениле повеќе од половина милион фалсификувани производи, речиси 230.000 литри фалсификувани пијалаци и речиси 1,7 милиони килограми храна со несоодветен квалитет – соопшти Европол. Месото и алкохолните пијалаци, заедно со овошјето и зеленчукот, биле главните категории производи погодени од измамите.

Европол соопшти дека биле користени различни методи за измама. Криминалците додавале други супстанции во маслото, а на евтини вина лепеле лажни етикети за да ги претстават како скапи. Храната на која ѝ истекол рокот на употреба, па дури и расипаните производи, била препакувана и добивала нови етикети.

Европол предупреди дека измамите со храна претставуваат закана за јавното здравје.

„Фалсификуваната или фалсификувано изменетата храна може да предизвика заболувања, да ги поткопа стандардите за безбедност на храната и да ги наруши пазарите“ – се наведува во соопштението.

Ad
Ad