Свет
Ринкевичс: Човечки жртви на територијата на НАТО би можеле да бидат „црвена линија“ за Алијансата
Инцидент предизвикан од Русија што би резултирал со човечки жртви на територијата на НАТО, би можел да претставува „црвена линија“ за Алијансата, изјави летонскиот претседател Едгарс Ринкевичс во интервју за американската телевизија „Си-Ен-Ен“.
На прашањето што конкретно би претставувало „црвена линија“ за НАТО, во контекст на зачестените руски нарушувања на територијата на европските држави, вклучително и појавата на дронови во Германија и навлегувањето ракети во воздушниот простор на Полска, Ринкевичс посочи дека клучен праг би било губење човечки животи.
„Мислам дека таква линија би биле човечки жртви на територијата на НАТО“, изјави Ринкевичс.
Тој оцени дека ситуацијата во која моментално се наоѓаат НАТО и Европа е „донекаде противречна“.
„Од една страна, се зголемува бројот на таканаречените хибридни напади. Тоа го гледаме во нашиот регион, во Летонија, но и во Европа. Истовремено, забележуваме дека кога станува збор за хипотетичко активирање на Членот 5 (за колективна одбрана на земјите членки на НАТО – заб. ред.), односно за конвенционален напад, таа линија не се преминува“, објасни Ринкевичс.
Летонскиот претседател додаде дека токму тоа е карактеристично за хибридната војна.
„Се обидуваш, вршиш притисок, потоа запираш во последен момент и се повлекуваш“, посочи претседателот на прибалтичката држава.
ноември 26, 2026


