Connect with us

Свет

Во ЕУ се води тивка борба за надлежностите во надворешната политика

„Тагешау“

Шефицата на европската дипломатија Каја Калас со месеци е под критики, што делумно е последица на тешките теми од надворешната политика, но и на нејзиниот комплициран однос со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пишува германскиот „Тагешау“.

За конфликтот меѓу претседателката на Европската комисија и претставничката за надворешни работи во Брисел се дискутира сè почесто и на отворена сцена, се наведува на веб-страницата на „Тагешау“, информативната програма на германската јавна телевизија АРД.

На демонстрации во баварскиот парламент поранешниот еврокомесар Гинтер Отингер зборуваше за „меѓусебни провокации, кои трошат многу енергија“. Според Отингер, член на германската конзервативна ЦДУ, во Комисијата, предводена од Фон дер Лајен, владеат претседателски, а не колегијални односи, пишува „Тагешау“.

Во исто време, неговиот партиски колега и претседател на комисијата за надворешна политика на Бундестагот, Армин Лашет, отворено побара оставка од Каја Калас.

Критиките, пишува „Тагешау“, ескалираа откако Калас наводно ја спореди израелската влада со режимот на апартхејд во Јужна Африка.

„Тагешау“ пишува дека самата Каја Калас рекла дека „не може постојано да се бори против тие сенки на она што наводно го кажала или она што не го кажала зад затворени врати“, и дека треба „да се држи до она што официјално го кажала бидејќи тоа е европската позиција што ја претставува“.

Во статијата исто така се оценува дека просторот за маневрирање на Каја Калас е ограничен бидејќи одлуките за надворешна политика во ЕУ бараат консензус и дека, иако многумина разбираат дека како Естонка таа има тврд став кон Русија, ова ја ослабува нејзината позиција како дипломат, особено кога станува збор за војната во Украина.

„Ако некој малку слуша што се зборува во Брисел, во основа станува збор за прашање на принцип – кој е всушност одговорен за европската надворешна политика. ЕУ има шеф на дипломатијата само од 2011 година. Кога на Калас ѝ беше доверена таа работа, сите сакаа силен глас и јасно позиционирање, а сега токму тоа ѝ го префрлаат“, пишува „Тагешау“.

„Тагешау“ пишува дека вистинскиот проблем, кој далеку ги надминува конкретните несогласувања, е „кој всушност ја претставува надворешната политика на ЕУ?“

Тука се, пишува „Тагешау“, државните лидери, кои се свесни за својата моќ бидејќи надворешната и безбедносната политика сè уште се одговорност на членките на ЕУ, потоа тука е НАТО, па претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и еврокомесарот за трговија, Марош Шефчовиќ, кој има пристап и до Вашингтон и до Пекинг.

„Тагешау“ пишува дека еден внатрешен француски документ сега предлага три опции за реформи за надминување на оваа институционална блокада.

„Надворешната политика би можела да ѝ се довери на Комисијата или на Европскиот совет, значи на Кошта и на телото што ги обединува 27 шефови на држави или влади, или позицијата на Калас и службата за надворешна политика на ЕЕАС во архитектурата на моќта на ЕУ би можела значително да се подигне и зајакне“, пишува „Тагешау“.

„Тагешау“ пишува дека сите три варијанти се сметаат за малку веројатни во моментот и дека поранешната премиерка на Естонија ќе мора да се помири со фактот дека до понатамошно известување ќе подготвува предлози со поранешната германска министерка Фон дер Лајен за кои потоа ќе одлучат лидерите на земјите членки на ЕУ.

Ad
Ad