Connect with us

Свет

Претставници на 80 земји потврдиле учество на Источниот економски форум во Владивосток

Од утре до 4 септември во Владивосток ќе се одржи Источен економски форум во Владивосток, на кој присуство потврдија делегации од 80 земји, меѓу кои Кина, Индија, Обединетите Арапски Емирати, Јапонија, Монголија и Јужна Кореја, соопшти денеска советникот на рускиот претседател Антон Кобјаков.

Главната тема на овогодишниот форум е „Далечниот Исток – развој во корист на луѓето“, пренесува весникот „Комерсант“.

– Владивосток ги пречекува гостите од земји со различни економски модели, интереси и пристапи кон развојот. Ова создава можност за отворени, професионални дискусии и потрага по заеднички јазик за широк спектар прашања, од трговија и инвестиции до технологија и логистика – рече Антон Кобјаков.

На пленарната седница на 3 септември ќе учествува рускиот претседател Владимир Путин, како и лидерите на Индонезија, Монголија и Мјанмар и потпретседателот на Државниот совет на Кина.

Фондацијата Росконгрес, која е организатор на настанот, очекува потпишување на околу 380 договори, со вкупна вредност до 6,5 трилиони рубљи, во области важни за развојот на рускиот Далечен Исток.

На минатогодишниот Источен економски форум учестуваа околу 8.000 претставници од 75 земји.