Фудбал
Шпанецот Мичел седна на клупата на Ајакс
Досегашниот тренер на Жирона, Мичел, е назначен за нов шеф на стручниот штаб на Ајакс, објави холандскиот клуб.
Шпанскиот стратег потпиша двегодишен договор со Ајакс.
Мичел ја напушти Жирона на 28 мај, откако не успеа да обезбеди опстанок во Ла Лига. На клупата на шпанскиот клуб седеше од 2021 година, а под негово водство, Жирона во сезоната 2023/24 заврши на третото место, со што обезбеди директен пласман во Лигата на шампиони.
„Мичел е амбициозен и посакуван тренер. Убеден сум дека ќе ја всади својата визија и својот интензивен начин на работа во нашиот тим. Го познавам добро и го следам со години. Неговиот пристап му одговара на Ајакс. Фактот дека работеше во истиот клуб во Примера пет сезони зборува многу за неговите квалитети и неговата лојалност“, изјави техничкиот директор на Ајакс, Жорди Кројф.
Ајакс ја заврши изминатата сезона на петтото место на табелата во холандското првенство и ќе игра во квалификациите за пласман во Конференциската лига.
јуни 4, 2026
