Connect with us

Економија

Од 10 до 20 мај инспекции во маркетите: Ако се утврдат повисоки маржи, ќе следуваат мерки

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) од 10 до 20 мај спроведува контроли во сите синџир-маркети. Ако утврди дека има зголемувања на маржите, ќе бидат преземени соодветни мерки – соопшти денеска министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

Како што рече Дурмиши, 30 тима се на терен, а неофицијално, од информациите по првите четири дена од почетокот на надзорите, забележано е одредено поевтинување кај овошјето и зеленчукот.  

Засега, рече министерот, нема основа да се реагира во однос на цените на прехранбените производи. Ситуацијата се следи и доколку се процени дека има потреба, ќе се дејствува. Можно е една од мерките да биде намалување на ДДВ-то за прехранбените производи.

Дурмиши потенцира дека ограничување на цените се прави само кога ќе се констатира дека трговците ја имаат зголемено маржата.

Минатиот месец, според него, имаше зголемување на цените на прехранбените производи, но и намалување на маржата од страна на трговците за речиси еден процент.

– Немаме основа по која би постапиле. Ќе ја анализираме ситуацијата до крајот на месецот. Може да го намалиме ДДВ-то за прехранбените производи. Како што реагиравме во делот на горивата, така може да реагираме и во овој сегмент. Нашите контроли се вршат врз маржите што ги ставаат производителите, трговците и дистрибутерите. Ако видиме дека во вакви услови на криза и неизвесност се однесуваат девијантно и ги зголемуваат маржите, ќе реагираме со соодветни мерки, како што реагиравме минатиот пат, со административните мерки што ни се на располагање – истакна министерот додавајќи дека ДПИ на 20 мај ќе ја достави информацијата од надзорите до Министерството.

Тој потенцира дека Министерството континуирано ја следи состојбата и ќе продолжи со спроведување мерки за стабилизирање на цените и заштита на стандардот на граѓаните. Македонија, додаде, е увозно зависна, особено во делот на прехранбените производи, а тоа подразбира дека цените ги диктираат земјите од кои увезуваме.

– Цената на прехранбените производи, кои се увозни, не ја одредуваме ние, ниту нашите трговци, туку тие земји. Ние контролираме дали е зголемена маржата. Имаме можност, во рамките на законот, да постапуваме со механизмите што ни се на располагање ако се зголемува маржата кај производителите, трговците и дистрибутерите – истакна Дурмиши и потсети дека досега се изречени казни. 

Во однос на инфлацијата, рече дека не е проблем само кај нас, туку и во земјите од Европа.

– Во Романија инфлацијата е 9 отсто, во Бугарија 6,2, во Хрватска 4,6 проценти. Инфлацијата е зголемена, но така е и во други земји. Кај нас инфлацијата е до пет отсто, но се справуваме и реагираме соодветно. Во таа насока е и денеска објавената мерка за кофинансирање на занаетчиите, малите и средните претпријатија, за зголемување на нивната продуктивност и производство – рече министерот.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1