Connect with us

Свет

Австралиската полиција била предупредена на можен антисемитски напад пред инцидентот на плажата Бонди

Еврејската заедница во Сиднеј ја предупредила полицијата дека постои ризик од напад непосредно пред инцидентот на плажата Бонди од декември минатата година кога беа убиени 15 лица.

„Терористички напад врз еврејската заедница во Нов Јужен Велс е веројатен, а нивото на поттикнување на антисемитска омраза е високо“, било наведено во електронска порака што синоќа е објавена во рамки на истрагата во врска со нападот.

На тоа полицијата одговорила дека не може трајно да распореди специјални сили, предлагајќи наместо тоа настанот да го следат мобилни патроли.

Преписката е откриена со објавувањето на прелиминарните наоди на истражната комисија предводена од поранешната судијка Вирџинија Бел.

Наодите се објавуваат во момент кога австралиската Влада се соочува со остри критики дека дозволила јакнење на антисемитизмот по почетокот на војната во Газа.

Инаку, инцидентот на плажата Бонди во Сиднеј се случи кога Навид Акрам и неговиот татко Саџид Акрам, отворија оган од автоматско оружје врз присутните на прославата на еврејскиот празник Ханука, при што беа убиени 15 лица. Саџид Акрам беше убиен на лице место од полицијата, додека на Навид му се суди за тероризам и 15 убиства. 

Под притисок од јавноста, Владата во јануари 2026 година формираше јавна истражна комисија – највисоко ниво на истрага во Австралија.

Според властите, нападот бил инспириран од идеологијата на џихадистичката група Исламска држава, но двајцата напаѓачи немале надворешна поддршка ниту формално членство во организацијата.

Австралиските разузнавачки служби го истражувале Навид Акрам уште во 2019 година поради негови врски со Исламската држава. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 2