Свет
УНИЦЕФ: Авганистан ќе се соочи со недостиг од наставнички и медицински сестри поради рестриктивните закони
Авганистан до 2030 година би можел да остане без повеќе од 25 илјади наставнички и медицински сестри, доколку не бидат укинати ограничувањата за образованието на девојчињата и вработувањето на жените, се наведува во нов извештај на УНИЦЕФ.
Талибанците им забранија на жените поголем дел од работните места во јавниот сектор и го ограничија образованието на девојчињата до 12-годишна возраст. Според извештајот на ОН, тие мерки веќе засегнале најмалку милион девојчиња, а бројката до 2030 година може да се удвои доколку не дојде до промени.
Фондот за децата на Обединетите нации ги повика талибанците да ја укинат забраната воведена по нивното враќање на власт во 2021 година, посочувајќи на брз пад на бројот квалификувани жени во секторите образование и здравство.
Во извештајот се наведува дека до 2030 година би можеле да бидат изгубени до 20 илјади и 5.400 здравствени работнички, што претставува околу 25 отсто од женската работна сила во 2021 година. Дополнително, до 2035 година би можеле да недостигаат уште 9.600 здравствени работнички.
„Авганистан не може да си дозволи да ги изгуби идните наставнички, медицински сестри, лекарки, акушерки и социјални работнички кои ги одржуваат основните услуги“, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел, додавајќи дека тоа ќе стане реалност доколку девојчињата и понатаму бидат исклучени од образованието.
април 28, 2026

