Connect with us

Свет

Хегсет до Европа: Престанете со помпезни конференции и дејствувајте во Ормуската Теснина

Европа мора да престане со „премногу помпезните конференции“ и да почне да дејствува, изјави денеска американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, пренесува ДПА.

Говорејќи во Пентагон, Хегсет упати остри критики до Велика Британија и другите држави за нивната реакција на кризата во Ормуската Теснина.  Тој ги нарече „глупави“ мерките на Обединетото Кралство и Франција за идна безбедност на овој клучен морски пат.

Хегсет изјави дека САД заслужуваат сојузници „кои се лојални“ и разбираат дека партнерството бара заеднички напори.

Коментарите доаѓаат во време на влошени трансатлантски односи и најави дека САД може да ја преиспитаат позицијата за Фолкландските Острови како казна за недоволната поддршка од британскиот премиер Кир Стармер за војната во Иран.

Ормуската Теснина, главна рута за нафта и гас, е во де факто блокада откако Техеран одговори на нападите од САД и Израел. Иако претседателот Доналд Трамп го продолжи нестабилниот прекин на огнот, Ормуската Теснина останува критична точка што ја подгрева глобалната енергетска криза.

Минатата недела, коалиција од држави одржа преговори во Париз и Лондон со цел да се создаде меѓународна мисија, предводена од Велика Британија и Франција, за одржување на морскиот пат отворен, откако конфликтот ќе заврши.

Давајќи актуелни информации за војната и за продолжената блокада на иранските пристаништа на прес-конференција во Вашингтон, Хегсет изјави: „Ова не треба да биде само борба во која Америка се бори сама. Како земја, ние речиси и не ја користиме Ормуската Теснина. Нашите енергенси не минуваат оттаму, а ние располагаме со изобилство на енергија.“

– Европа и Азија имаа корист од нашата заштита со децении, но времето за бесплатно користење заврши. Америка и слободниот свет заслужуваат сојузници кои се способни, лојални и кои разбираат дека да бидеш сојузник не е еднонасочна улица. Тоа е двонасочна улица – истакна Хегсет.

– Ние се потпираме на Европа, но тие многу повеќе од нас имаат потреба од Ормуската Теснина и можеби е добро да престанат толку многу да зборуваат и да организираат толку помпезни конференции во Европа, и наместо тоа – да се качат на брод. Ова е многу повеќе „нивна битка“ отколку наша – нагласи тој.

– Знам дека се водат многу разговори. Видовте, јас би ја нарекол глупавата конференција во Европа минатата недела, каде што се собраа и зборуваа за тоа дали на крајот да направат нешто, кога работите ќе завршат… Ова не се сериозни напори –  изјави шефот на Пентагон.

– Би ги поздравиле сериозните европски напори да се направи нешто во врска со овој проток и овој пат, имајќи предвид дека токму нивните енергетски можности се најзагрозени – додаде тој.

– Мислам дека ова е сигнал за тревога. Ова е сигнал за тревога за државите низ целиот свет… Или располагаш со потребните способности, или не. Во спротивно, си во рацете на држава како Иран, а единствената држава која може да направи нешто по прашањето е армијата на САД –  забележа Хегсет.

На истиот брифинг, тој дополнително изјави дека Техеран има шанса да склучи „добра зделка“ со Вашингтон. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 3