Свет
Данска се уште без нова влада: Преговорите во ќор-сокак по изборите
Преговорите за формирање нова влада во Данска се наоѓаат во ќор-сокак еден месец по парламентарните избори, што го забавува носењето одлуки во време на криза во односите со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп околу Гренланд.
Техничката премиерка Мете Фредериксен, кој го доби мандатот од кралот за состав на влада, ги предводи коалициските разговори меѓу 12 парламентарни партии, но досега обезбеди поддршка само од левичарските групации, што не е доволно за парламентарно мнозинство.
Центристичката коалиција на Фредериксен го загуби мнозинството на изборите на 24 март, по револтот на гласачите поради високите трошоци за живот, иако нејзината Социјалдемократска партија остана најсилна со 38 од 179 пратенички места.
– Нема рок за завршување на преговорите, тие ќе траат онолку колку што е потребно – изјави Фредериксен на самитот на ЕУ на Кипар.
Центристичката партија Умерени и десничарската Либерална партија, дел од досегашната коалиција, засега ја отфрлаат можноста за потпирање на крајната левица за обезбедување мнозинство.
Иако владата останува на должност до избор на нов кабинет, нејзините овластувања се ограничени во период кога се соочува со притисок од Трамп за преземање на Гренланд, кој е дел од Кралството Данска.
Данска, Гренланд и САД започнаа дипломатски разговори во јануари, но тензиите повторно се засилија овој месец кога Трамп го нарече островот „големо, лошо управувано парче мраз“, што предизвика остра реакција од премиерот на Гренланд.
Лидерот на Умерените, Ларс Локе Расмусен, оцени дека договорот е „далеку“, додека лидерот на Конзервативната партија, Мона Јул, смета дека Фредериксен не треба повеќе да ги води преговорите.
Според аналитичарите, Фредериксен најверојатно ќе мора да се откаже од предизборното ветување за воведување данок на богатство за најбогатите граѓани.
„Нема мнозинство за економската политика што ја предложи“, изјави Андреас Тиринг, партнер во консултантската компанија „Улвеман и Борстинг“.
Премиерката ќе мора или да се откаже од клучните делови од програмата или да ја препушти задачата за формирање влада на Расмусен или на лидерот на Либералната партија, Троелс Лунд Поулсен, додаде Тиринг.
април 25, 2026

