Општини
Повик за средношколци да пишуваат текстови за Википедија на македонски јазик и да се натпреваруваат
Здружението Викимедија МКД и Википедија на македонски јазик и оваа година, како дел од својата образовна програма, ги повикува сите ученици од средните училишта од цела Македонија да учествуваат на уредувачки натпревар за средношколци на тема „Ботаничари со авторски кратенки“.
На натпреварот имаат можност да учествуваат сите регистрирани корисници ученици на возраст од 15 до 18 години, на Википедија на македонски јазик, а за најдобрите учесници се обезбедени награди. Натпреварот предвидува награди на седмично ниво врз база на најдобри напишани статии, како и три награди за целокупниот придонес.
-Натпреварот кој има зададена тема, се фокусира на средношколската читателска публика, која има желба да го збогати своето знаење, да создаде бесплатни статии на Википедија, а при тоа и да освои награди. Уредувачкиот натпревар на тема „Ботаничари со авторски кратенки“ има за цел да помогне во создавање на нови и подобрување на постоечките статии поврзани со ботаничари кои имаат свои авторски кратенки, кои се користат при научното именување на растенијата, вели Бојан Велковски, менаџер за комуникации во Здружението Викимедија МКД
Учесниците во рамките на натпреварот треба да уредуваат статии кои недостигаат на Википедија на македонски јазик и да подобруваат веќе постоечки.
-Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, односно во енциклопедиски стил и со наведени веродостојни извори. Статиите се проверуваат од стручно жири, кое обрнува внимание на квалитетот и содржината на статиите. Средношколците имаа прилика да бидат дел од заедницата што го гради слободното знаење и помогни во збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик. Преку овој натпревар ќе имаат можност за траен придонес корисен за илјадници читатели, вели Велковски.
Натпреварот започна на 20 април 2026 година и завршува на 10 мај 2026 година.
април 23, 2026

