Connect with us

Општини

Судењето за тетовскиот театар и библиотека продолжи со сведоци и најавено супервештачење

Судскиот процес за повеќе кривични дела поврзани со изградбата на новиот објект за потребите на тетовскиот театар и библиотека продолжи денеска со сослушување на претставник од Министерството за култура и три вешти лица предложени од одбраната.

Како сведок беше сослушан Владимир Поповски, правник во Министерството за култура, кој изјави дека сите побарувања од приватните фирми се исплатени. Тој додаде дека не може како поединец да се произнесе дали Министерство ќе се приклучи кон побарувањата за материјална штета.

Во продолжение, пред судот беа испитани три вешти лица кои изработиле наод и мислење во врска со надзорот при спроведувањето на договорот за јавна набавка во периодот од 2015 до 2020 година.

Вештото лице во областа на економско, финансиско, материјално и сметководствено работење Билјана Гиговска одговори на прашања за надминување вкупната вредност согласно договорот за дел од вештиот наод и мислење. На прашањето за причинета штета, таа посочи дека тоа е правно прашање и не може да се произнесе.

Вешт наод и мислење кој заеднички го изработиле пред судот презентираа Лилјана Ковачева и Антон Кајтази кои се осврнаа на прашања поврзани со архитектурата на објектот.

По барање на Обвинителство, а со согласност на одбраната, судот донесе одлука да има супер-вештачење. Образложението на обвинителот е дека има суштински спротивставени вештачења и затоа има потреба од анализа на наодите на двете страни. Судијата Елведин Ферати рече дека судот ќе побара супервештачење и го закажа продолжението на судењето за 1 јуни во 10 часот.

Во случајот обвинети се Сејди Шасивари, сопственик и управител на обвинетото правно лице од Тетово Урбан План Констракшн, Хаки Фазлиу, тогашен директор на Националната установа – Центар за култура „Иљо Антески-Смок“ – Тетово, Артан Арслани претседател на Комисијата за јавни набавки и в.д. директор на Центарот за култура, како и Бајрам Муча, како главен надзорен инженер во правно лице ангажирано како надзорен орган при спроведување на договорот за јавна набавка од 2015 – 2020 година.

На почетокот на судењето на 25 ноември 2015 обвинетите истакнаа дека не се чувствуваат виновни.

Според Обвинителството, првообвинетиот Шасивари и второобвинетото правно лице сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од чл. 275-в од Кривичниот законик. Обвинетите Фазлиу и Арслани сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, додека обвинетиот Муча сторил продолжено кривично дело кривично дело Несовесно работење во службата.

Маркетинг
Ad 2
Ad 2