Општини
Перински од Вевчани: Здружување на општини е решение за ограничените административни капацитети на малите општини
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, оствари работна посета на Општина Вевчани, каде одржа средба со градоначалникот Спасе Кочовски, како и со членовите на Советот и општинската администрација.
На средбата се разговараше за имплементацијата на проектите одобрени во 2025 година, како и за најитните потреби за поддршка од централната власт.
Посебен акцент беше ставен на потребата од унапредување на законската рамка за меѓуопштинска соработка, при што беше нагласено значењето на здружувањето на општините, особено на помалите, кои се соочуваат со ограничени административни и финансиски капацитети.
„Нашата цел во периодот што следи е да создадеме функционална законска рамка која ќе ја олесни и поттикне меѓуопштинската соработка, но и да обезбедиме конкретна институционална и експертска поддршка преку Ресурсниот центар. Само преку заеднички пристап и координација можеме да обезбедиме одржлив локален развој и вистински резултати за граѓаните“, истакна Перински.
Во рамки на двата јавни повика за капитална инфраструктура, за Општина Вевчани се одобрени вкупно 9 проекти во вредност од 25.869.953 денари.
“Во рамки на програмите на Министерството за локална самоуправа за 2025 година, во општина Вевчани успешно се реализираа три проекти со вкупна вредност од 1.728.509,00 денари, насочени кон подобрување на енергетската ефикасност на објектот на детската градинка преку поставување на фотоволтаичен систем за производство на електрична енергија, јакнење на општинските капацитети и капацитетите на комуналното претпријатие преку набавка на потребна опрема. Овие инвестиции директно придонесуваат за подобри комунални услуги, поголема ефикасност на општинските служби и поголема заштита на животната средина“, истакна Кочовски.
Министерството за локална самоуправа ќе продолжи со истата динамика и посветеност, со фокус на одржливи решенија, зајакнување на локалните капацитети и намалување на регионалните разлики, со крајна цел – подобар животен стандард и задржување на граѓаните во своите општини.
април 17, 2026

