Култура
Поезиjа на Анте Поповски во „Иностранаjа литература”
Во мајскиот броj на руското списание „Иностранаjа литература” е обjавена поезиjа на Анте Поповски.
Ова реномирано списание, основано во 1955 година, ги запознава читателите со дострели во странската книжевност, обjавувајќи ги наjзначаjните дела од современата светска литература во превод.
На 25 мај во Библиотеката за странска литература во Москва списанието беше промовирано од страна на неговиот главен уредник – писател, литературен критичар и преведувач Александар Ливергант кој рече дека мајскиот број собра под една корица автори од сите краишта на светов, поезија и проза, критика и есеистика.
Творештвото на Анте Поповски пред присутните го претстави Олга Панкина која направи избор и препев на песни на Анте, како и напиша белешка за авторот.
Името на Анте Поповски (1931 – 2003) за македонската литература е повеќе од само поетско име. Тоа е цела епоха, универзален кодекс на творештвото и симбол на непрекинатиот дијалог меѓу минатото и сегашноста. Поповски успеа да пренесе размислувања за судбината на својот народ во длабока, човечки разбирлива филозофска лирика која го допира срцето на читателот каде и да е во светот.
Творештвото на Поповски е многу богато. Тој е поет-историчар, со болка и гордост ги гледа трагичните страници од минатото. Тој е поет-филозоф, кој се обраќа кон безвременските архетипи и митови, создавајќи моќни образи. Тој е виртуоз на зборот, за кого самиот јазик беше жива материја, а раѓањето на стихот – таинственост исполнета со блескави метафори. И, најпосле, е лирик кој умее да најде тивка, тајна нота во шушкањето на листовите или во шепотот на паѓачкиот снег. Поповски ја разбира поезијата како ред во кој совршено се менуваат тишината и зборот. Зборовите се точни само тогаш кога ѝ служат на тишината, вели Панкина.
Главна сила на поезијата на Анте Поповски е нејзината чудесна целосност. Говорејќи за македонските планини и реки, тој зборува за вечниот пејзаж на човечката душа. Размислувајќи за спомените на предците, кажува за нашата заедничка одговорност пред историјата. Неговите метафори, родени од длабочините на националната свест, стануваат наднационални и добиваат општочовечко звучење. Тој не само што го опишува светот – тој го твори поново, давајќи ѝ на секоја појава длабок смисол. Поезијата на Анте Поповски не старее, бидејќи зборува на јазикот на срцето и духот. Таа е оној мост што нè спојува со самите себе и со она што е поголемо од нас.
Посебно радува, подвлече Олга Панкина, што списанието се промовира токму по значајниот настан – празник на словенското писмо кое потекнува од македонската земја, пред меѓународниот Ден на единството на словените што се одбележува во јуни и, што е најважно, пред 95-от роденден на големиот Анте.
мај 26, 2026
