Вести
Јасмина Костадинова осудена на 10 месеци затвор за примање мито од 2.000 евра во случајот со ИПАРД фондовите
Основниот кривичен суд Скопје ја осуди на десет месеци затворска казна Јасмина Костадинова, соработничка во Министерството за земјоделство, која призна вина за примање награда од 2 000 евра, за случајот за злоупотреба на ИПАРД фондовите.
Во казната затвор на Костадинова, која е една од деветмината обвинети кои требало да помогнат фирма која не била меѓу рангираните да земе пари од европските ИПАРД фондови, и се пресметува и времето поминато во куќен притвор од ноември минатата година, како и времето до правосилност на пресудата.
-Обвинетата Јасмина Костадинова ја искористила својата внатрешна позиција и познавањето на процедурите за да овозможи заобиколување на законските критериуми, со што директно го поткопала авторитетот на државната администрација. Притоа делото не е извршено со еднократно дејствије, туку преку низа координирани активности во подолг временски период, па таквата временска континуираност од крајот на февруари до почетокот на ноември 2025 година укажува на цврста одлучност за постигнување на противправната цел и висок степен на криминална волја – изјави судијката Ленка Давиткова во објавата на пресудата.
При претресот во домот на Костадинова полицијата открила и запленила 8 илјади евра, кои со судска одлука ќе и бидат конфискувани, иако таа на минатото рочиште призна вина и дека земала мито од 2 000 евра, и си ги побара назад останатите 6 000 евра.
Бранителот на Костадинова, адвокат Звонко Давидовиќ, рече дека ќе ја почекаат писмената пресуда, по што ќе одлучи дали ќе поднесе жалба.
-Факт е дека обвинетата јасно и недвосмислено го призна кривичното дело, што е голема доблест и што влијаеше и на висината на изречената казна – изјави Давидовиќ.
Обвинителката Наташа Поп Трајкова, посочи дека пресудата не е правосилна и не треба да се прејудицира со висината, посочувајќи дека запретената казна затвор согласно закон е од една до десет години.
За останатите осуммина обвинети, меѓу кои и поранешниот директор на Агенција за финансиска поддршка Илија Стоилев, процесот продолжува на 11 мај.
Првообвинет е Џевдет Насуфи (во куќен притвор), поранешен министер за правда и за локална самоуправа во владата на Љубчо Георгиевски, кој како директор на фирмата „Сигнас-Арго“ од струшко Велешта, се товари дека им дал 5.000 евра на тројца луѓе да влијаат на Стоилев (во притвор) кој требало да добие 50.000 евра за да стави потпис на проектот на фирмата за да добие пари од ИПАРД 3 програмата. Полицијата, според обвинението, го фатила Стоилев со првите 400 евра дадени на рака.
Судскиот процес го води судијката Ленка Давиткова, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Наташа Поп Трајкова.
Обвинителниот акт, поднесен од Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, судот го прифати во целост во февруари годинава и се однесува на пет физички лица за разни кривични дела, и тоа: давање поткуп, давање награда за противзаконито влијание, примање награда за противзаконито влијание и примање поткуп, во чиј склоп е и обвинителен предлог против четири други физички и едно правно лице, а поврзани со финансиски малверзации и примање поткуп во врска со користење средства преку европската ИПАРД-програма.
Првоосомничениот Џ. Н. (77) се товари дека сторил продолжено кривично дело давање поткуп и кривично дело давање награда за противзаконито влијание, а три лица, меѓу кои и сега обвинетата – А. Ф. (44), Ј. К. (35) и И. С. (57), како посредници, сториле кривично дело примање награда за противзаконито влијание, а Ф. Ф. (47) сторил продолжено кривично дело примање поткуп.
мај 6, 2026

