Connect with us

Ракомет

ЕХФ Европски куп: ГРК Охрид со гол негатива ќе го чека реваншот против Целје

Ракометарите на ГРК Охрид претрпеа вечерва минимален пораз од Целје на гостински терен со 27-26 во првиот полуфинален натпревар во рамки на ЕХФ Европскиот куп.

Избраниците на тренерот Борис Ројевиќ на реваншот на 2 мај во СРЦ „Билјанини извори“ ќе имаат задача да ја надоместат негативата од еден гол за да го повторат ланскиот успех на скопски Алкалоид и да изборат пласман во финалето во третото по ранг европско клупско ракометно натпреварување.

Македонскиот тим го почна натпреварот во Целје како што само можеше да посака и во 10. минута имаше водство од 6-0.

Словенечкиот тим до 17. минута ја преполови негативата (7-10) и од тој момент уследи неверојатен пад во играта на Охрид што Целје го искористи и со серија од 8-1 замина на полувреме со предност од 15-11.

Добрата игра на домашниот тим продолжи и на стартот на второто полувреме и во 40. минута Целје ја имаше највисоката предност на натпреварот од 22-15.

Сепак, ракометарите на Охрид ги консолидираа редовите, повторно заиграа цврсто во одбраната и реализираа во нападот доближувајќи се на гол негативата (25-24) во 55. минута.

Охрид во завршните пет минути два пати играше со ракометар помалку. но со голот на Дарко Ѓукиќ во последните секунди избори минимален пораз кој му дава шанси на македонскиот тим на реваншот идната сабота во Охрид.

Ѓукиќ со пет голови беше најефикасне во редовите на Охрид, а голманот Кристијан Пилиповиќ запиша десет интервенции, од кои две во последните две минути.

Маркетинг
Ad 2
Ad 1