Општини
Почна тридневната Меѓународна стартап академија за средношколци и студенти во Штип
Педесет средношколци и студенти од Македонија и Бугарија од денеска учествуваат на тридневната Меѓународна стартап академија на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип. Проректорот на УГД-Штип, Дарко Лазаров истакна дека средношколците и студентите ќе имаат можност да предложат бизнис идеи.
– Ова секако е во целосна согласност со стратегијата и мисијата на Универзитетот „Гоце Делчев“, бидејќи станува збор за Меѓународна стартап академија, во која што ќе учествуваат студенти, средношколци од Македонија и Бугарија. Но, многу повеќе е во насока на напорите на Универзитетот „Гоце Делчев“ да изгради еден еко – систем, една платформа во која што студентите нема само да стекнуваат академски знаења и вештини кои ќе бидат во насока на полесно вработување – рече Лазаров.
Тој посочи дека постојат неколку активни програми кои ги поддржуваат младите до 29 години за основање на стартап компании, а во рамки на оваа иницијатива, се работи и на отворање иновациски центар во Штип во соработка со Општината и Стопанска комора на Македонија.
-Академијата ќе обединува вкупно околу 50 млади кои што во овие три дена ќе работат на размена на бизнис идеи, иновација на бизнис идеите и стекнување на вештини за презентирање на тие бизнис идеи-рече Благој Трајков, координатор на Американското катче во Штип.
Средношколката Ања Ситновска од Кочани рече дека е задоволна што е дел од натпреварот, нагласувајќи дека има можност да стекне нови знаења за развој на бизнис идеи. Според неа работата во тим и менторската поддршка помагаат во унапредување на претприемачките вештини. Особено ја истакна вредноста на меѓународниот карактер на настанот, кој овозможува размена на различни искуства.
-Многу сум среќна што сум дел од овој натпревар, пред се, за бизнис идеа. Овде се пријавив и сум среќна што сум изберена во мојот тим, бидејќи овде можеме да стекнеме многу нови знаења за да основаме бизниси и како да ја развиеме нашата бизнис идеа. Среќна сум што е интернационално бидејќи разменуваме разлучни искуства-рече Ситновска.
април 23, 2026

