Вести
Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за животна средина, укина делови од акти на МО и извршителите
Уставниот суд на Република Северна Македонија денеска ја одржа 10. седница, на која расправаше по пет иницијативи за оценување на уставноста и законитоста, одлучуваше по едно барање за заштита на слободите и правата и донесе две одлуки со кои укина спорни одредби од подзаконски акт и колективен договор
Судот одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на член 34 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина („Службен весник“ бр. 3/2025), по иницијатива поднесена од Игорчо Точев.
Во останатите случаи, Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за даночно ослободување поврзан со концесиски договор, како и за повеќе одредби од Законот за вработените во Министерството за одбрана. Во исто време, беше отфрлена иницијативата за оценување на уставноста на член 120 став 1 од истиот закон.
По предметот што се однесува на Законот за управни спорови, поради недоволно мнозинство гласови, Судот не донесе конечна одлука и предметот ќе биде повторно ставен на гласање на некоја од наредните седници.
Уставниот суд не поведе постапка ниту за оценување на уставноста на одредби од Законот за високото образование, поврзани со Агенцијата за квалитет во високото образование.
Во делот на барањата за заштита на слободите и правата, Судот повлече од дневен ред едно барање што се однесува на наводна дискриминација по основ на социјална припадност, поради потреба од утврдување дополнителни околности. Второто барање, поднесено од граѓани од Скопје кое се однесува на заштита од дискриминација, беше отфрлено.
Со донесените одлуки, Уставниот суд го укина делот „како извршна исправа“ од акт на извршителите што се однесува на утврдување на трошоците за извршување. Судот исто така ги укина член 114 став 1 точки 4 и 7 од Колективниот договор на Министерството за одбрана, оценувајќи дека тие не се во согласност со Уставот.
Од Уставниот суд информираат дека останатите отворени предмети ќе продолжат да се разгледуваат на некоја од наредните седници.
април 23, 2026

