Connect with us

Вести

ДКСК ќе поведе постапки пред надлежен орган за неколку случаи за кои има сомнеж за злоупотреби и корупција

Државната комисија за спречување корупција денеска на седница одлучи да поведе постапка пред надлежен орган за сомневање за злоупотреба на службена положба за директор и в.д. директор на ученички дом. Според информациите добиени од надлежните органи, меѓу кои и Министерството за образование и наука, двете лица не ги исполнувале условите за вработување во ученичкиот дом бидејќи не биле од редовите на вработените, во домот биле сместени и ученици што не ги исполнувале условите за сместување во домот, како и ученици што имале редовен превоз до училиштата во кои учеле, а истовремено зеле и надомест за патни трошоци за учебните 2021/2022 и 2024/2025. 

Членот на ДКСК, Сервет Демири, рече дека сомневањата од пријавата се потврдуваат и предложи ДКСК да иницира постапка пред надлежен орган. 

ДКСК добила анонимна пријава за пет лица, национални координатори именувани од Владата, дека не ја пријавиле имотната состојба и притоа за тројца од нив било констатирано дека не го направиле тоа. Членот на ДКСК, Софија Спасова-Медарска, реферира дека двајца од нив пријавиле имотна состојба, за две лица е изречена глоба, која веќе ја платиле, а за третото лице е изречен прекршочен налог. 

Постапка пред надлежен орган ДКСК ќе иницира и за случај во кој една општина несоодветно постапувала и свесно одолжувала постапка при пријава за нелегално изградена затоворена тераса на кафе-бар. Членот на ДКСК, Бесник Џемаили, рече дека констатирана е нелегална доградба на куќа во која се врши угостителска дејност. 

Постапка пред надлежен орган ДКСК ќе предложи и за случај на избор на директор на основно училиште во една општина, кој во согласност со законот немал соодветен сертификат за англиски јазик. 

ДКСК до Државниот просветен инспекторат и до МОН ќе достави документација за случај во којшто е откриено дека в.д. директор на средно училиште не фигурира на листата со положени испити за директор на средно училиште. Како што беше посочено на седницата врз основа на информација од Државен испитен центар, в.д. директорот имал положено испит за директор во 2006 година, но согласно законот што е во сила испитот требало повторно да се преполага до 1 септември 2020 година а во нивната евиденција не фигурира такво лице. ДКСК работејќи на предмет по пријава дека в.д. директорот нема положен испит, како и дека имал дисциплински постапки за физички и вербален напад, добила информации дека лицето има положено испит, но од страна на Комисијата била побарана информација и од Државниот испитен центар и тоа не било потврдено туку оттаму посочиле дека такво лице не фигурира во нивната евиденција. 

ДКСК донесе одлука дека нема судир на интереси во случај на анонимната пријава за две именувани лица во сродство од Владата, од кое едното е советник за млади, но согласно Законот, првоименуваното лице, односно таткото бил должен да го пријави именувањето на синот. Бидејќи во два наврати е направен обид да се достави барање за плаќање на глоба лицето не е најдено, прекршочната комисија на ДКСК донела решение за плаќање глоба од 300 евра во денарска противредност. 

Антикорупциска денеска одлучи до МВР да ја достави пријавата за неправилности во работењето на регионална телевизија, која како што било наведено, работела со т.н. „рекет-систем“ односно ги условувала јавните претпријатија да уплаќаат пари во синдикални организации, а тие синдикални организации понатаму ги уплаќале парите во телевизијата. Од тоа зависело кое претпријатие како ќе биде претставено на телевизијата, се наведува во пријавата.

На седницата на ДКСК беа разгледани и се одлучуваше и за повеќе предмети поврзани со непријавување имотна состојба од поранешни и актуелни општински советници и притоа претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, рече дека  се објавени имињата на сите лица што не платиле глоба и/или не пријавиле имотна состојба. Беа разгледани и други предмети поврзани со пријави за имотна состојба за актуелни и поранешни избрани (градоначалници, пратеници) и именувани лица.  

По завршувањето на оваа точка, ќе се разгледуваат предмети поднесени од укажувачи, а седницата во тој дел ќе биде затворена за јавноста.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4