Connect with us

Општини

Гоцевски им оддаде почит на загинатите комити од последната чета на ВМРО во Пијанечкиот Регион

Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски денеска положи цвеќе пред спомен-плочата на комитите од последната чета на ВМРО во Пијанечкиот Регион, оддавајќи им почит на борците кои ги загубиле животите во борбата за слободата на македонскиот народ.

По повод годишнината од настаните од 18 април 1933 година, Гоцевски потсети дека во тогашното Царево Село, по долг период на притисоци и репресии врз населението во Пијанец и Малеш, четата влегла во нерамна борба со тогашната жандармерија. По нападот на полициската станица, комитите биле опколени од засилени сили, а во жестоката битка загинале војводата Дончо Христов и неговите соборци Јангел Симеонов, Митко Паликрушов, Стојан Георгиев и Васил Николов.

-Во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, на местото каде што денес почиваат нивните коски, положив свежо цвеќе како знак на благодарност и почит, објави Гоцевски на социјалните мрежи.

Тој нагласи дека овие борци се дел од темелите на историјата и идентитетот на Делчево и на македонскиот народ, посочувајќи дека нивната жртва претставува потсетник за цената на слободата и обврската за зачувување на историското паметење.

Во својата објава, градоначалникот најави дека спомен-обележјето во иднина ќе добие подобар изглед и ќе стане препознатливо место за граѓаните.

-Се обврзувам и како градоначалник, но и како Македонец, ова место многу наскоро да добие многу подобар лик и да биде препознатлива точка за секој еден наш сограѓанин, истакна Гоцевски.

Маркетинг
Ad 1
Ad 2