Филм
Елизабет Мос се враќа како Џун Озборн во новата серија „Сведоштва“
Обожавателите на завршената „Приказна на слугинката“ (The Handmaid’s Tale), сепак, повторно ќе ја видат Џун Озборн на екранот. Глумицата Елизабет Мос, која е и извршна продуцентка на новата серија „Сведоштва“ (The Testaments), ги изненади гледачите враќајќи ѝ се на својата култна улога во првата епизода од продолжението. Мос го глумеше ликот на Џун шест сезони од оригиналната ТВ-серија, а сега се појавува и на самиот почеток од новото поглавје.
Брус Милер, извршен продуцент на новата серија којашто, всушност, е продолжение на „Слугинката“, ја објасни одлуката да ја вклучат Џун во првата епизода.
– Мислам дека Џун е еден вид сидро за ликот на Агнес, до тој степен што приказната не можеше да постои без неа, дури и ако „Приказната за слугинката“ не постоеше. Елизабет Мос е наш креативен партнер од самиот почеток, во секоја смисла. Бидејќи таа е и извршна продуцентка, нејзиното присуство се чувствува низ целата серија. За среќа, успеавме да ги координираме распоредите и да ја вклучиме барем во мал дел, изјави Милер.
„Сведоштва“ се одвива неколку години по завршувањето на „Приказната за слугинката“. Во првата епизода, гледачите повторно ја среќаваат Џун во Торонто, во сцена со нов лик – Дејзи, одглумена од Луси Халидеј. Впечатливо е што во овој дел и песната „Dreams (Соништа)“ од „Кренберис“ е вклучена во позадина, додека глумиците не разменуваат ниту збор. Од денеска, три епизоди од „Сведоштва“ може да се гледаат на стрим-платформата „Хулу“ (Hulu). Нови епизоди ќе бидат објавени наредните недели, секоја среда, поединечно.
– Постои посебно задоволство во враќањето на ликовите од „Приказната за слугинката“ во овој свет и продолжувањето на нивната приказна. Тоа е особено точно за глумците и за мене, бидејќи, нормално – не може да се вратите на завршена серија и да кажете: „Еве ги неколку години подоцна и го прават ова“. Но, тука имаме можност да го направиме тоа со повеќе ликови од „Приказната за слугинката“… Не е едноставно задоволство, туку ѝ дава и своевидно затворање на приказната и Ви помага подобро да ги разберете сопствените чувства за Гилеад, бидејќи таму е Џун.
Мос се надоврза: – Да, и јас се чувствував така.
Според романот „Сведоштва“ од Маргарет Атвуд, на којшто е заснована новата серија, Агнес е новото име на Хана – ќерката на Џун и Лук. Дејзи, во книгата, би требало да е ликот на Никол – како помладата ќерка на Џун со Ник. Сепак, поради разликата во годините меѓу ликовите на крајот од „Приказната за слугинката“, Милер потврди дека Дејзи не е Никол во серијата


