Фудбал
Гатузо го врати Киеза во италијанската репрезентација
Селекторот на италијанската фудбалска репрезентација, Џенаро Гатузо, го повика напаѓачот на Ливерпул, Федерико Киеза, во тимот за претстојните натпревари од плејофот за пласман на Светското првенство.
Киеза се враќа во националниот тим по речиси двегодишна пауза и ќе се обиде да ѝ помогне на Италија да се квалификува за мундијалскиот турнир ова лето во САД, Канада и Мексико, откако Азурите ги пропуштија претходните две светски првенства.
Италија во плејофот за Светското првенство во Русија во 2018 година загуби од Шведска, а во пресрет на Мундијалот во Катар во 2022 година, беше поразена во Палермо од Македонија.
Италија ќе игра во полуфиналето од плејофот на 27 март во Бергамо против Северна Ирска, а победникот од тој дуел пет дена подоцна на гостински терен ќе се соочи со подобриот тим од натпреварот помеѓу Велс и Босна и Херцеговина.
Киеза одигра 51 натпревар за репрезентацијата, последниот на Европското првенство 2024 во Германија, кога Италија загуби од Швајцарија во осминафиналето.
март 21, 2026

