Забава
Моден бренд создаде ВИ верзија на манекенка без нејзина дозвола
Германската манекенка и фотографка Мелани Киебак откри дека еден моден бренд за својата рекламна кампања користел ВИ верзија на нејзиниот лик, без да ја извести. Киебак случајно ја видела кампањата и била шокирана кога сфатила дека се користени нејзини фотографии од 2023 година.
-До денес не знаев дека имам „ВИ двојничка“. Пријателка ми прати модна реклама генерирана со вештачка интелигенција и нешто кај неа веднаш ми беше „познато“, изјави Киебак преку видеоснимка објавена на својот ТикТок профил
Прикажувајќи исечоци од рекламата покрај своите вистински фотографии, Киебак јасно покажа дека компанијата ги искористила нејзините за да создаде ВИ верзија за кампањата. Иако ѝ ја смениле фризурата за да одговара на сегашната кратка „пикси“ фризура, лицето останало речиси идентично.
На тој начин малку ѝ биле променети и цртите на лицето, вклучувајќи ја бојата на очите, веѓите и пегите, а дури и се додало и малата „издигнатина“ на носот која Киебак ја има во реалноста.
Ова е уште еден од многуте докази дека користењето на вештачката интелигенција во забавната индустрија станува сè поголема причина за загриженост во последните три години, особено затоа што компаниите можат да создаваат и користат вештачко создадени слики на луѓе без нивно одобрение.
март 13, 2026

