Општини
Ќе се реконструира визитинг центарот во Пелинце
Преку проект за прекугранична соработка меѓу Куманово и Лесковац ќе се реконструира на визитинг центарот во Пелинце, информираа од Секторот за меѓународна соработка од Општина Куманово. Како што објаснуваат од Секторот, Општина Куманово и градот Лесковац го почнаа проектот „Pathways to Prosperity – Просперитетни патишта на соработка помеѓу Куманово и Лесковац“, чија цел е зајакнување на прекуграничната соработка, поддршка на локалните економии и развој на туристичките капацитети во двата региона.
Проектот е дел од програмата за прекугранична соработка двете земји, најголем дел обезбедени од ЕУ, дел од самите општини. Според Горан Митевски, раководител на Секторот за меѓународна соработка и евроинтеграции во Општина Куманово, проектот предвидува значајни инвестиции во инфраструктурата и туристичката промоција на двете страни од границата.

– По извршената евалуација добивме известување дека нашиот концепт проект е прифатен. Станува збор за реконструкција на објектите во близина на меморијалниот комплекс Пелинце, каде што дел од комплексот е под надлежност на Министерството за култура и музејските институции, а делот на визитинг центарот треба дополнително да се оспособи за различни активности-изјави Митевски.
Во рамки на проектот е предвидена сеопфатна реконструкција и адаптација на визитинг центарот Пелинце, со што ќе се подобрат условите за престој и организирање на културни и туристички настани. Планираните активности опфаќаат реконструкција на собите за сместување, библиотеката и амфитеатарот, како и санација на оштетениот покрив и стаклената купола на објектот. Дополнително ќе се обноват заедничките простории и санитарните јазли, ќе се обезбеди затоплување на просториите, како и партерно уредување на околината.

-Визитинг центарот во Пелинце во минатото се користеше за одржување на колонии, летни школи и различни културни манифестации. Со реконструкцијата ќе се создадат подобри услови за повторно активирање на тие активности и за привлекување на посетители-додава Митевски.
Покрај инфраструктурните инвестиции во Пелинце, како што вели Митевски, партнерите од Србија ќе реализираат активности насочени кон туристичка промоција и дигитална презентација на понудата на двата региона.
Според него, проектот има за цел да ја зајакне туристичката видливост на регионот и да создаде нови можности за економски развој преку зголемен број посетители и подобра регионална соработка
март 12, 2026

