Општини
Два бронзени медалa за македонски средношколци на втората Интернационална олимпијада по вештачка интелигенција во Љубљана
Македонски средношколци освоија два бронзени медала на 2.Интернационална олимпијада по вештачка интелигенција (ИОВИ 2026), која од 23 до 27 февруари се одржа во Љубљана. Како што соопшти Здружението на информатичарите на Македонија, бронзените медали ги освоија Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, ученик во гимназијата „Мирче Ацев“, и Андреј Ангелов од Македонска Каменица, ученик во Математичко-информатичката гимназија во Скопје.
Интернационалната олимпијада по вештачка интелигенција е натпревар посветен на напредни теми од информатиката, алгоритмите и вештачката интелигенција, наменет за талентирани средношколци од целиот свет и, како што информира Здружението, претставува нова и брзорастечка олимпијада чија цел е да ги поттикне младите да ги развиваат своите знаења и вештини во областа на современата информатика, со посебен акцент на вештачката интелигенција, машинското учење, анализа на податоци и алгоритамско размислување.
-На ова издание на олимпијадата учествуваа вкупно 95 внимателно селектирани ученици од 24 држави од светот, кои низ повеќедневни натпреварувачки активности се соочија со серија високопредизвикувачки и иновативни задачи. Задачите беа осмислени така што од натпреварувачите се бараше длабинско разбирање на проблемите, способност за моделирање, развој на ефикасни алгоритамски решенија, како и примена на концепти од современата вештачка интелигенција. Покрај натпреварувачкиот дел, ИОВИ 2026 понуди и богата едукативна и социјална програма, која овозможи размена на идеи, искуства и воспоставување нови пријателства и идни соработки помеѓу младите информатичари – идни лидери во технолошкиот развој на своите земји, посочува Здружението на информатичарите на Македонија.

За учество на олимпијадата Здружението избра четиричлен ученички тим, составен од учениците Благој Рујаноски Стојановски, Андреј Ангелов, Филип Калкашлиев и Тодор Пљаков, предводени од тим лидерите Емил Станков и Димитар Милески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Претседателот на ЗИМ, Миле Јованов, кој е член на Интернационалниот комитет на олимпјадата, изјави дека е одличен резултатот што го оствариле средношколците Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп и Андреј Ангелов од Македонска Каменица со освоените бронзени медали и дека овој успех е значајно меѓународно признание за квалитетот на македонските млади информатичари и за континуираната работа и посветеност во развојот на таленти во областа на информатиката.
-Вештачката интелигенција како научна дисциплина во Македонија се негува на ФИНКИ, а веќе четврта генерација средношколци во специјализираната државна Математичко-информатичка гимназија следи предмет Интелигентни системи. Тоа покажува дека визијата што ја имавме уште од 2012. за специјализирана гимназија за таленти и плановите и програмите кои ги изработивме во 2018 година се навремени чекори, кои сега ни овозможуваат да сме конкурентни на интернационално ниво. Во период кога се изработува новата концепција за гимназиско образование во Македонија апелирам наместо кон намалување да се оди кон зголемување на информатиката и информатичките теми во наставата. Би сакал да искажам благодарност до министерот за дигитална трансформација и компанијата Некстсенс за поддршката што ни ја дадоа за учество на оваа олимпијада, неопходна да може да учествуваме и да го покажеме македонското знаење пред светот, изјави Јованов.
Следната, трета по ред Интернационална олимпијада по вештачка интелигенција (ИОВИ 2027), ќе се одржи идната година во Виетнам.
февруари 28, 2026

