Забава
Аеродром Тампа: Објавата за забрана на носење пижами во терминалот беше шега
Меѓународниот аеродром во Тампа на Флорида соопшти дека претходната објава на социјалните мрежи за забрана на носење пижами во терминалот не била сериозна, туку шега. Аеродромот претходно на својот X профил напиша дека „виделе доволно пижами“ откако упати апел до патниците да престанат да носат чевли од марката „Крокс“ (Crocs). Објавата привлече огромно внимание – над 5,7 милиони прегледи и бројни коментари од патниците, пренесува Еј-би-си (ABC).
Портпаролот на аеродромот, Бо Симер, изјави дека објавата е дел од долгорочниот хумористичен тон што аеродромот го негува на социјалните мрежи.
-Патниците ги охрабруваме да се чувствуваат удобно, додаде Симер, истакнувајќи дека целта на ваквите објави е да се задржи лесен и пријатен тон во комуникацијата со патниците.
Аеродромот дополнително појасни дека објавата за пижамите е уште еден „разигран одговор на дебатите за мода за време на патување“ и ги повика патниците да продолжат да патуваат на начин кој им е најудобен и пријатен. Со тоа, администрацијата на аеродромот сака да испрати јасна порака дека, и покрај хуморот и забавата на социјалните мрежи, приоритет секогаш останува безбедноста и удобноста на патниците.
февруари 27, 2026

