Connect with us

Останати спортови

Хисејини: Задоволен сум од прикажаното по двете победи над Австрија

Македонската футсал репрезентација триумфално ги почна подготовките за настап во квалификациите за учество на Светското првенство. Избраниците на селекторот Газменд Хисејини во двата контролни натпревари против репрезентацијата на Австрија што се одиграа во Гевгелија забележаа победи. Во првиот со – 5:3, а во вториот – 4:2.

–  Одигравме два одлични натпревари. Противникот беше исклучително квалитетен и јас сум задоволен од она што го прикажаа фудбалерите. Им дадов шанса на сите играчи кои ги имав на располагање. Во составот имаше неколку млади фудбалери кои за прв пат настапија за националниот тим. Кога сè ќе се земе в предвид јас лично сум задоволен од целиот тим на овие два контролни натпревари против селекцијата на Австрија“, изјави селекторот Хисејини. 

Во двата дуели нашата репрезентација стигна до победа и покрај фактот што противникот имаше предност. На првиот натпревар, Австрија поведе со 3:0, а на вториот имаше водство од 1:0.

–  На првиот дуел екипата влезе малку опуштено. Им дозволивме на Австријците лесно да стигнат до погодоци, но во продолжението играчите имаа максимален пристап и се што договоривме во паузата тие го спроведоа на теренот и стигнавме до победа. На вториот натпревар Австрија поведе со гол од слободен удар, но по само неколку минути ја преземавме контролата на резултатот, но и на она што се случуваше на теренот. Морам да потенцирам дека сум задоволен од настапите на младите играчи кои во овие две средби беа на високо ниво и потврдија дека заслужено се најдоа во националниот тим , дополни Хисејини.

Овие два натпревара се почеток на подготовките за настап во квалификациите за Светското првенство. Квалификацискиот турнир се игра во април, а нашата репрезентација е во група Ц со Литванија (домаќин), Турција и Бугарија

Маркетинг
Ad 1
Ad 3