Вести
Финансиска полиција поднесе кривична пријава против Марко Бислимовски
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против М. Б., претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353 ст. 4 в.в ст. 1 од Кривичниот законик.
Како што инфорираат од Управата, пријавениот М. Б. во својство на претседател на РКЕ ги злоупотребил својата службена положба и овластувањето на начин што спротивно на Законот за енергетиката и правилникот за лиценци, иако бил должен да почне постапка за одземање лиценца за вршење енергетска дејност, трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт – трговија на големо со „евродизел БС“ (Д-Е V), биодизел, „евросупер БС 95“, екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) и течен нафтен гас (ТНГ) на правното лице „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје, поради неисполнување на законски пропишаните услови, донел незаконско решение за прекин на постапката и наместо лиценцата да биде одземена на 15.1.2024 година, таа е одземена дури на 14.4.2025 година. Со тоа, како што посочуваат, ѝ овозможил на компанијата противзаконски да продолжи со вршење енергетска дејност 15 месеци по истекот на законските услови и да учествува и да склучува договори по однос на јавните набавки.
- Со горенаведените дејства пријавениот ги повредил прописите што бил должен да ги спроведува и му овозможил на правното лице „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје да оствари вкупен промет во висина од 194.520.962,00 денари и да стекне противправна имотна корист во износ од 14.093.576 денари, прецизираат од Управата за финансиска полиција.


