Општини
Мицкоски: Со инвестиција речиси 30 милиони денари до подобар живот во Неготино
Со инвестиција речиси 30 милиони денари се реализираат активности за подобар живот во Неготино, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски преку објава на официјалната фејсбук-страница.
– Проектот за изградба на урбана заедница 5, урбан блок 5.1 во Неготино претставува значаен инфраструктурен зафат што има цел создавање современа, функционална и добро организирана урбана средина. Со проектот се предвидува пробивање и уредување нови улици со вкупна должина од 550 метри, како и изградба на комплетна комунална инфраструктура, што опфаќа водоводна линија, атмосферска и фекална канализација, напиша Мицкоски.
Сподели дека инвестицијата изнесува 29.603.854 денари и е целосно обезбедена од Владата преку Министерството за транспорт и врски.
– Проектот има долгорочно значење за развојот на Неготино бидејќи придонесува за рамномерен урбан развој, подобрена безбедност и унапредување на квалитетот на живот на граѓаните поставувајќи темели за модерен и одржлив град. Се работи за проекти за трајна промена, темели за сигурна иднина, се вели во објавата.
јануари 13, 2026


