Фудбал
Јапонецот Миура подготвен за својата 41. сезона во кариерата
Највозрасниот професионален фудбалер во светот, 58-годишниот поранешен јапонски репрезентативец Казујоши Миура, до јуни идната година ќе настапува како позајмен играч во редовите на јапонскиот третолигаш Фукушима Јунајтед, јави денеска Би-Би-Си.
За Миура ова е ранг погоре од регионалната лига во која досега играше во дресот на Атлетико Сузука како позајмен фудбалер од Јокохама.
„Мојата страст кон фудбалот не се променила, без разлика на тоа што стареам“, изјави Миура пред неговата 41. професионална сезона во кариерата, која ја почна во 1986 година со бразилскиот Сантос.
„Благодарен сум за укажаната можност. Ветувам дека ќе дадам сè од себе на теренот за да придонесам за тимот. Ајде заедно да создадеме историја“, рече фудбалерот, кој ќе го прослави својот 59 роденден на крајот на февруари, а во Јапонија е познат по прекарот „Кралот Казу“.



