Connect with us

Општини

Градоначалниците со заедничка декларација за намалување на сообраќајните несреќи со жртви

Во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и со учество на претставници од локалната самоуправа, Владата и Министерството за внатрешни работи, денеска, се одржа првата Национална конференција посветена на безбедноста во сообраќајот на локално ниво на која беше потпишана заедничка декларација на општините за унапредување на сообраќајната безбедност и намалување на бројот на сообраќајни несреќи со жртви.

Како што истакна претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски, конференцијата има цел да поттикне размена на знаења, добри практики и поефикасна меѓуинституционална координација, со цел побезбеден сообраќај за учесниците. Во рамки на конференцијата, тој посочи дека градоначалниците со потпишување на заедничка декларација ја изразуваат посветеноста за намалување на сообраќајните несреќи и загубата на човечки животи.

– Во рамките на конференцијата од страна на градоначалниците на општините ќе биде потпишана заедничка декларација со која ја изразуваат посветеноста за придонес кон поголем, поуреден и побезбеден сообраќај и во делот на намалување на бројот на сообраќајни незгоди со загинати лица. Во наредниот период ќе бидеме посветени на соработка со сите институции и граѓанскиот сектор, со единствена цел побезбеден и поуреден сообраќај и намалување на човечките загуби, рече Ангеловски.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски порача дека институциите мора заеднички да работат за подобрување на црната статистика за бројот на жртви на годишно ниво, нагласувајќи дека инфраструктурата во државата е клучен фактор за безбедни патишта. Според него, најзначајно е да се изгради добра инфраструктура и затоа, нагласи, државата интензивно работи на изградба на повеќе стратешки инфраструктурни проекти.

– Имаме исклучително значаен настан за најбитната работа, тоа е спасување на човечки животи. Мора сите заеднички да работиме да се подобри црната статистика. Многу е значајно да се изгради добра инфраструктура, во што многу вложуваме  и таа да е добро испланирана. Секако најбезбедни се автопатиштата и многу вложуваме во автопати. Тука е завршувањето на автопатот Кичево – Охрид, изградбата на автопатот Кичево – Букојчани, закојшто очекувам во текот на овој месец да избереме изведувач, интензивно се работи на Букојчани – Гостивар, Тетово – Гостивар, којшто сите велиме дека е автопат, меѓутоа беше експресен пат, работиме и на Прилеп – Битола, а подготвуваме и решение за делот од Прилеп до Фариш, рече Николоски.

Потребна е меѓуресорска соработка за општинската инфраструктура, оцени Николоски, како и градење нова култура на почитување на сообраќајните правила. – Не смееме да прифатиме дека законите важат за сите, а не важат за нас. Мора да ја менуваме културата и да ги почитуваме правилата, рече Николоски.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, се осврна на проектот „Безбеден град“, кој од вчера е на тест период. Тошковски го оцени како клучен за подобрување на безбедноста и намалување на бројот на жртви и нагласи дека „Безбеден град“ може да даде резултати само ако постои целосна неселективност. – Ова е одлична можност граѓаните да се запознаат со тоа што сака државата да го имплементира, вели Тошковски, бидејќи, како што рече, 142 жртви годишно не се само бројка, тоа се луѓе со семејства.

– Една голема благодарност за одржувањето на оваа конференција, која навистина дава поттик и надеж дека понатаму можеме да имаме од страна на повеќе институции заеднички пристап во насока на подигнување на безбедноста во рамки на сообраќајот. Целта е да ги запазиме европските вредности и стремежи согласно европската стратегија, до 2030 година да го намалиме бројот на сообраќајни жртви на пола, а до 2050 година да имаме нула сообраќајни жртви на улиците во Македонија.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3