Општини
Новогодишниот базар почнува утревечер во Штип
Новогодишниот базар во Штип почнува утре во 17 часот. Со децата од градинките и учениците од училиштата во Штип на Градскиот плоштад „Слобода“ ќе се вклучат светилките на новогодишната елка.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција најави дека програмата и сите настани ќе продолжат на шеталиштето или меѓу штипјани познато како едносмерната улица „Ванчо Прќе“. Настапи на децата од градинките, аниматори, музички групи и пејачи ќе бидат дел од програмата на Новогодишниот базар, кој ќе трае еден месец.

-Привршуваат подготовките и активностите, за да конечно веќе во утрешниот ден со почеток од 17 часот Штип новогодишно да блесне и во име на тоа ги повикувам сите дечиња, да ни се приклучат во текот на утршениот ден од 17 часот на Градскиот плоштад да ја запалиме новгодишната елка, а веднаш потоа забавата ќе продолжи на познатата едносмерна, каде ќе започне Новгодишниот базар, кој што ќе трае еден месец. Верувам дека оваа година ќе биде една од најдобрите предновогодишни програми, предновогдишни бајки. Очекувам најдобро досега да биде украсен градот, изјави Јорданов.
Штип и годинава планира пречек на Новата година, познати се и музичките групи кои ќе настапат на сцената на шеталиштето во Штип. Во рамките на Новогодишниот базар поставени се и типски дрвени куќички, во кои ќе се продава храна, пијалоци, новогодишни украси и сувенири.
декември 2, 2025

