Connect with us

Општини

Во Охрид промовирани два прекугранични проекти со Албанија финансирани преку ИПАРД 3 програмата на ЕУ

о потпишување на договорите за кофинансирање меѓу носителите на проектите и Министерството за локална самоушрава денеска во Охрид на свечен начин беше означен почетокот на реализацијата на два проекти – „Волонтери во акција за безбедност на граѓаните и заштита на природата“ и „Крушево и Елбасан – патување во природа и авантура“, проекти финансирани преку ИПАРД 3 програмата за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија.

Обраќање пред присутните на свеченоста имаше министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кој посочи дека покрај двата проекти, со потпишување на Договорот за партнерство за техничка помош на Програмата за прекугранична соработка со Албанија се придонесува за директна соработка меѓу двете земји.

– Станува збор за значаен меѓуграничен простор со богата природа, култура, традиција и огромен се уште неискористен потенцијал. Истовремено регионот се соочува со сериозни предизвици како депопулацијата, неразвиена инфраструктура, ризици од природни катастрофи и влијание врз животната средина. Токму затоа проектите се насочени кон два клучни приоритети, едниот за заштита на животната средина и подогнување на отпорноста на регионот преку јакнење на капацитетите за справување со ризици, од подобро управување со природните ресурси и заштита на заштитените подрачја…Вториот приоритет е развој на одржлив туризам и зачувување на природното и културното наследство, со креирање заеднички туристички услуги, унапредување на локалните традиции и отворање нови економски можности за нови бизниси, рече Перински.

Според него, општините од регионот се движечката сила за ефикасна соработка, а преку ИПАРД програмата тие ја добиваат својата шанса да ги зајакнат административните капацитети, да градат партнерство, да развиваат решенија што го подобруваат секојдневниот живот и да станат активен дел од европските политики уште пред членството во ЕУ.

– Овие две нови инвестиции со вкупна вредност од над 1,6 милиони евра ќе придонесат за создавање одржлив туристички производ кој ја спојува природата, културата и автентичноста на целиот регион, рече тој притоа изразувајќи благодарност до Делегацијата на ЕУ за континуираната поддршка, на заедничкиот технички секретаријат на двете оперативни структури, како и на општините за вложените напори во креирање на програмата.

Еврамбасадорот Михалис Рокас од своја страна посочи дека односните проекти се во корелација со заложбите на ЕУ за промоција на пријателски врски преку границите, во областите кои се соочуваат со предизвици или се на некој начин запоставени од централните власти.

– Оттаму ваквите видови партерства се мошне важни за нас, тие секогаш биле во фокусот на нашето внимание бидејќи се работи за проекти што не промовираат само пријателство туку го помогаат процесот на евроинтеграција. Справувањето со економските предизвици, заштитата на животната средина и социјалната инклузија се главните области на кои се насочени европските програми. Тука се промовира заедништвото во градењето доверба и солидарност, поддршка на баласираниот развој на регионите и зајакнувањето на европските вредности, рече Рокас.

Евроамбасадорот потсети дека Македонија е дел од пет програми за прекугранична соработка со сите соседни држави, со проекти во вредност од 90 милиони евра, додека само со Албанија таа соработка се реализира со проекти вредни над 12 милиони евра.

Рокас во оваа прилика истакна дека во првиот повик за аплицирање за финансирање проекти преку ИПАРД 3 програмата се искористени половина од предвидените средства што, како што рече, укажува на недоволно квалитетно сработени проекти…Уште посочи и на предизвиците што постојат кога се работи за конкретно спроведувањето проекти преку програмата ИПАРД 3 чие надминување, според Рокас, е условено од силна и посветена тимска работа.

– Нашите заеднички цели се јасни. Преку зајакната соработка да се сработат инклузивни и одржливи проекти за јакнење на врските во заедницата. Да не се остани ниту едно неискористено или залудно потрошено евро…Посветеноста на сите вклучени во проектите секако ќе биде од витално значење за достигнување на вредностите што не поврзуваат, рече Рокас.

Свои обраќања на церемонијата имаа и директорката на Директоратот за конвергенција и кохезија со ЕУ на Албанија, Еридана Чано, како и градоначалниците на Охрид и на Крушево, Кирил Пецаков и Нико Чонески. 

Пецаков во оваа прилика истакна дека проектите реализирани со прекуграничната соработка помагаат во градењето доверба и зајакнување на добрососедски односи, секако и за размена на добри практики.

Градоначалникот на Охрид посочи дека проектот „Волонтери во акција за безбедност на граѓаните и заштита на природата“ има особено значење за Охридскиот регион, како вистински чекор за јакнење на локалните капацитети за заштита на човечки животи и за зачувувањето на уникатната животна средина.

– Од особено значење ќе биде набавката на брод-амбуланта што ќе обезбеди брз и квалитетен медицински транспорт преку езерото и поголема безбедност за сите жители и посетители на охридското крајбрежје, рече Пецаков, истакнувајќи дека Општина Охрид секогаш ќе дава поддршка на сите процеси насочени кон подобрување на безбедноста, институционалната подготвеност и одржливиот развој на регионот. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 1