Политика
Мицкоски: На раководството на СДСМ не му веруваат ниту традиционалните гласачи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во Зрновци, меѓу другото, порача дека работите на политичката сцена во земјава се јасни, дека опонентите, според него, преку измама сакаат да се доберат до фотелјите, кои наместо за проекти и план, зборуваат, вели, со омраза и се служат со интриги.
Мицкоски посочи дека претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче се служи, вели, со истите лаги со кои се служел неговиот претходник, Зоран Заев кој на времето ветуваше живот за сите, а Филипче сега ветува среќен живот.
-Ги слушам вчера изјавите на претседателот на СДСМ, каде ветува среќен живот. Тој пред него ветуваше живот, сега овој ветува среќен живот. Истите лаги, од исти луѓе. Уште едно ветување кое, исто така, го дадоа е подарокот кон нашиот источен сосед. Измислија нов подарок за ново предавство национално, кое сега го спакуваа во еден документ наводно патриотски предлог, наречен Резолуција со црвени линии за решение со нашиот источен сосед, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека е неверојатно колку овие луѓе се забегани и оти, вели, мислат дека со истите финти ќе успеат, потценувајќи го народот да го прелажат.
-Мора да бидат казнети затоа што сакаат повторно да направат измама на ист начин и буквално со истите финти. Не се променети и затоа мора и овој пат да бидат казнети, бидејќи, очигледно дека лекцијата од април, мај 2024 година не ја научија, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека резултатите од спроведените анкети говорат дека, како што вели, рекордни 83 отсто од граѓаните не им веруваат дека се искрени во тоа што го зборуваат, односно дека дури традиционални гласачи се свесни дека не ја говорат вистината.
-Замислете што уште кажа претседателот на СДСМ. Тој рече, верувале или не, дека тие биле искрени. Ако правите анкета и ако ги прашате граѓаните дали мислат дека навистина овие од СДСМ се искрени и дали им веруваат за тоа што го зборуваат, рекордни 83 проценти ќе ви кажат „не“. Тоа е таа отсутност и обид да си кажат нешто, па ако им пројде – пројде. Дури и нивните традиционални гласачи се свесни дека не ја говорат вистината, што впрочем се гледа и од анкетите. И сега, тие продолжуваат бесрамно да зборуваат дека биле искрени. Човек просто не може да верува. Немам зборови, кажа лидерот ма ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.
Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Борчо Коцев на денешниот митинг во Зрновци посочи дека изминатиот мандат има изградено нови локални патишта, реконструирано улици, како и спортски и културни центри и оти во новиот мандат со уште поголема одговорност, Зрновци ќе продолжи да се развива и да оди напред како и дека ќе претставува пример за развој, урбанизација и квалитетен живот.
-Во новиот мандат продолжуваме уште посилно, со уште поголема одговорност и со појасна визија, да ја направиме општина Зрновци пример за развој, урбанизација и квалитетен живот, вели Коцев.
Тој додаде дека новата програма е сеопфатна и опфаќа инфраструктура, комунални услуги, како и земјоделство, образование, социјална заштита, па се до култура, туризам и екологија и го претстави проектот етно парк кој, вели, отвора нови перспективи за економски развој на општината.
-Проектот претставува уникатен спој на македонската етно традиција со модерни содржини, создавајќи простор за сите генерации и отворајќи нови перспективи за економски развој на општината. Етно паркот ќе вклучува: детско игралиште со современи и безбедни реквизити, велосипедски полигон за деца, сместувачки капацитети, ресторанот со етно кујна и дегустации на локални производи, летна сцена за настани, концерти и манифестации, летна бавча со фонтана, истакна Коцев и ги повика граѓаните на 19 октомври да гласаат за својата иднина, за проекти и дела и ги повика да излезат масовно и обединето да гласаат за бројот 9, за него и за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ.
октомври 3, 2025