Свет
Украина им оддава почит на жртвите на Гладоморот
Украина денеска им оддава почит на жртвите на Гладоморот – вештачки предизвиканиот глад во периодот 1932-1933 година за време на владеењето на Јосиф Сталин во поранешниот Советски Сојуз. Денот на сеќавање на жртвите се одбележува секоја година во четвртата сабота во ноември, пренесува Укринформ.
Во текот на 20 век, украинскиот народ преживеал три големи периоди на глад – во 1921-1923, 1932-1933 и 1946-1947 година. Најтежок бил гладот во периодот 1932-1933 година, кој Украина го смета како геноцид врз украинскиот народ, извршен од сталинистичкиот режим.
Гладоморот претходел на насилната колективизација на земјоделството, одземањето на земјиштето и имотот на селаните, како и масовните репресии во руралните средини. Според Украинскиот институт за национална меморија, сталинистичкиот режим намерно го користел гладот како средство за потчинување на украинските селани и уништување на независните селски стопанства, кои биле основа на економскиот и општествениот живот на украинскиот народ.
Според официјалните податоци, во текот на 22 месеца умреле речиси четири милиони луѓе. Особено тешко била погодена детската популација. Во многу области, околу две третини од учениците не се вратиле на училиште во септември 1933 година.
Со децении Гладоморот бил табу-тема во Советскиот Сојуз, а истражувањата за трагедијата започнале дури кон крајот на 80-тите години на минатиот век. Украина во 2006 година официјално го призна гладот од 1932-1933 година за геноцид врз украинскиот народ. До 2024 година, околу 30 држави го признале Гладоморот за геноцид со одлуки на своите парламенти.
Украина повторно била погодена од масовен глад во периодот 1946-1947 година, во првите години по Втората светска војна. Според процените на украинските демографи, тогашниот глад предизвикал повеќе од 700.000 смртни случаи над вообичаениот број за тој период, при што повеќе од една четвртина од жртвите биле деца помлади од 14 години.
Меѓу главните причини за гладот биле тешката суша, разурнувањата по војната и недостигот од работна сила во земјоделството.
По повод Денот на сеќавање, Украинците секоја година палат свеќи во спомен на жртвите, а низ целата земја се организираат комеморативни настани и се оддава почит со минута молчење.
ноември 29, 2026


