Connect with us

Свет

Шпанците гласаат на предвремени избори, Санчез се соочува со неизвесна битка за опстанок на власт

Во Шпанија ќе бидат одржани предвремени парламентарни избори на кои 38,7 милиони граѓани со право на глас ќе избираат нов состав на парламентот. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека социјалистичкиот премиер Педро Санчез нема да успее да го продолжи својот осумгодишен мандат, и се очекува конзервативната Народна партија (ПП) на Алберто Нуњез Феихо да освои најмногу гласови, која би можела да формира влада со поддршка на крајнодесничарската партија Вокс.

Санчез се обидува да ги убеди гласачите дека поддршката за десницата може да ја врати земјата во периодот на авторитарно владеење, повикувајќи се на сенката на диктаторот Франциско Франко.

Според повеќето истражувања на јавното мислење, 54-годишниот Санчез би можел да ја загуби власта, а главното прашање во Шпанија е колку време ќе им биде потребно на Народна партија и на Вокс за да формираат нова влада, пренесува ДПА.

Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на Санчез во анкетите заостанува со мала разлика зад Народната партија (ПП) на Феихо. Сепак, се очекува левичарскиот блок, дури и со досегашните коалициски партнери, да остане далеку од потребните 176 пратенички места во парламентот со вкупно 350 места.

Од друга страна, се предвидува Вокс, предводена од Сантијаго Абаскал, речиси двојно да го зголеми бројот на пратеници и да освои повеќе од 60 места, со што би добила клучна улога во формирањето на новата влада.

На растот на десницата влијаат незадоволството во општеството, разочараноста од политиката и поместувањето на дел од младите гласачи кон десно. Според истражувањето на институтот ЦИС, поддршката за Вокс кај младите на возраст од 18 до 24 години изнесува 23 проценти, наспроти 14 отсто во 2023 година.

Политичките аналитичари оценуваат дека Вокс успешно го искористила прашањето за миграцијата, при што многу Шпанци го сметаат Санчез за одговорен за зголемениот прилив на десетици илјади мигранти во Сеута кон крајот на јули.

Соработката меѓу конзервативната Народна партија и Вокс веќе не е табу-тема во Шпанија. Двете партии заеднички управуваат во неколку региони, каде што Вокс успеа да издејствува отстапки од ПП во однос на миграцијата и социјалната политика. ПП веќе прифатила дел од позициите на Вокс во регионалните влади, меѓу кои и идејата за давање предност на шпанските државјани при доделувањето државна помош.

Сепак, коалиција на национално ниво би претставувала преседан, бидејќи за првпат од крајот на диктатурата на Франко во средината на 1970-тите години, крајната десница би можела да стане дел од централната влада.

Со евентуалниот пораз на Санчез, европската социјалдемократија би изгубила еден од своите најистакнати политички гласови. Шпанскиот премиер се издвојуваше меѓу европските лидери со критиките кон американскиот претседател Доналд Трамп, поддршката за признавање на палестинската држава и позитивниот став кон миграцијата.

Во обид да ја промени политичката атмосфера, Санчез се повикува на примерот од Бразил, каде што левичарскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва го победи десничарскиот популист Флавио Болсонаро, и покрај тоа што анкетите кон крајот на октомври му даваа предност на Болсонаро.

– Она што се случи во Бразил ќе се случи и во Шпанија, повторува Санчез, кој истовремено предупредува на опасноста од враќање на авторитарните услови, повикувајќи се на диктатурата на Франко.

Шпанскиот премиер и претходно успевал да излезе од навидум безизлезни политички ситуации. На изборите во 2023 година, и покрај неповолните анкети, успеа да ја задржи власта со формирање сложена коалиција.

Сепак, дел од шпанските коментатори сметаат дека овојпат ќе му биде потребно вистинско политичко чудо. – Само стравот од Абаскал може да го спаси Санчез, објави шпанскиот весник „Ла Вангардија“.

И покрај политичките проблеми и обвинувањата за корупција, економскиот биланс на владата на Санчез е релативно позитивен. Од неговото доаѓање на власт во 2018 година, шпанската економија бележи посилен раст од економиите на повеќе други големи земји во Европската Унија. Значително е зголемена и минималната плата, а невработеноста е намалена.

Сепак, многу граѓани не ги чувствуваат придобивките од економскиот раст. Особено голем проблем е недостигот од станови. Според проценките на централната банка, во земјата недостигаат околу 750.000 станови, а две третини од младите на возраст од 18 до 34 години сè уште живеат со родителите.

Дополнителен товар за владата се истрагите за корупција поврзани со поранешни соработници на премиерот, поранешни функционери на Социјалистичката партија и членови на неговото семејство. Санчез лично не е обвинет, но аферите влијаат врз работата на владата, која се соочува и со сè поголем парламентарен застој.

На почетокот на октомври, владата не успеа да усвои две важни уредби поврзани со станбената криза, а три дена подоцна Санчез распиша предвремени избори.

Во последните денови од кампањата премиерот повторно ги стави во преден план социјалните мерки. Во вторникот, владата одобри продолжување на породилното и родителското отсуство, како и на отсуството поради загуба на близок член на семејството, и даночни олеснувања за околу 2,6 милиони самовработени лица.

Опозицијата ги оцени овие мерки како изборни подароци.

Дали социјалните мерки и предупредувањата за опасноста од десничарскиот популизам ќе бидат доволни за Санчез да го промени очекуваниот изборен исход, ќе одлучат гласачите в недела, наведува ДПА.

Ad
Ad