Connect with us

Свет

Германските компании ја губат довербата во владината реформска агенда

Опаѓа довербата на германските компании во најавената реформска агенда на владата на премиерот Фридрих Мерц. Дури 90 проценти од компаниите сметаат дека владата премногу бавно ги спроведува најавените економски мерки, покажува истражување на Институтот „Ифо“.

Според анкетата спроведена по нарачка на Фондацијата за семејни бизниси, три четвртини од компаниите не очекуваат значителен напредок во намалувањето на бирократијата до крајот на мандатот на актуелната влада, пренесува ДПА.

Намалувањето на административните оптоварувања е меѓу главните приоритети на германските компании, покажуваат резултатите од истражувањето.

Позитивно е оценета одлуката на владата за намалување на даноците на електричната енергија за сите потрошувачи. Сепак, генерално, компаниите се крајно разочарани од досегашната работа на владата, изјави Рајнер Кирхдорфер, раководител на Фондацијата за семејни бизниси и политика.

Според него, владата презема премалку мерки за да го запре слабеењето на економската основа на Германија. Особено загрижувачки, како што посочи, е тоа што голем број компании планираат да ги намалат инвестициите во земјата.

Кирхдорфер оцени дека подобрувањето на условите за приватни инвестиции треба да биде највисок приоритет на владата.

На почетокот на јули, коалицијата на конзервативците и социјалдемократите најави сеопфатен пакет мерки за поттикнување на економскиот раст и вработувањето. Пакетот опфаќа реформи на пазарот на трудот и системите за социјална сигурност, како и намалување на бирократијата.

Сепак, владата и натаму се соочува со тешкотии во спроведувањето на клучните најавени мерки.

Ad
Ad