Култура
Изложбата „Галена, Мазена, Пазена“ на Ана В’чкова од денеска пред скопската публика
Самостојната изложба „Галена, Мазена, Пазена“ на визуелната уметница Ана В’чкова ќе биде отворена вечер со почеток во 20 часот, во КСП Центар-Јадро во Скопје. Изложбата е курирана од д-р Ана Франговска, а по неодамнешното претставување во „Prima Center Berlin“ во Берлин, циклусот дела за првпат ќе биде изложен пред скопската публика.
Преку интермедијални дела што ги комбинираат фотографијата, текстилот, чипката, металните елементи и епоксидната смола, В’чкова го истражува домашниот простор како место во кое се преплетуваат интимноста, грижата, контролата и секојдневните навики.
Во кураторскиот текст, д-р Ана Франговска посочува дека домот не е само физички простор, туку збир од навики, повторувања, допири, сеќавања и секојдневни дисциплини преку кои се воспоставува ред. Во новиот циклус, таа противречност станува појдовна точка на визуелното истражување на уметницата.
– Домот е можеби најинтимната архитектура што ја населуваме, но истовремено и една од најнормативните – наведува Франговска.
Фотографијата во делата на В’чкова излегува од рамките на традиционалниот дводимензионален медиум. Испечатена на текстил, таа се собира, превиткува, набира и деформира, додека иглите, металните елементи, чипката и епоксидната смола ја менуваат нејзината структура и визуелна материјалност.
Мотивите произлегуваат од секојдневието – мијалници, одводи, храна, презреано овошје, цвеќе, инсекти, чинии, женска кожа и делови од телото. Со нивното поставување во неочекувани односи, уметницата ги преиспитува вообичаените поделби на убаво и грдо, чисто и нечисто, интимно и јавно.
Цветовите се појавуваат покрај нечистотијата во одводот, декоративната чипка опкружува инсекти, а презреаното овошје ја означува границата меѓу храната и распаѓањето. На тој начин, познатите предмети и појави добиваат нови значења, а домашното секојдневие се претвора во простор на визуелна и психолошка дезориентација.
Ана В’чкова (1998) е дипломирана визуелна уметница на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје, на отсекот сликарство, модул сценографија. Нејзината уметничка практика опфаќа сликарство, фотографија, графички дизајн и видео, со посебен интерес за комбинирање различни техники, материјали и визуелни јазици.
Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), а учествувала на повеќе групни изложби и меѓународни уметнички резиденции, меѓу кои Ликовната колонија Галичник, „Non-linear Archive“ во Скадар и резиденцијата „Infrared“ во Приштина. Покрај изложбата „Галена, Мазена, Пазена“ во Берлин, зад себе има и самостојни изложби во рамки на филмскиот фестивал „Ѕирни“ во Скопје во 2025 година и „Diversus“ во МКЦ во 2023 година.
Поставката, која ќе може да се посети до 7 декември, се реализира во соработка со Pioneri Art Platform и со поддршка од КАМ маркет и Д-р Пановски.
ноември 29, 2026


