Вести
Јаневска: Исполнети се сите досегашни цели од Реформската агенда во образованието, 19,2 милиони евра се враќаат во буџетот
Сите досегашни цели од Реформската агенда во делот на образованието и науката се исполнети, за што во државниот буџет ќе бидат вратени 19,2 милиони евра, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешниот 19. состанок на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика.
Јаневска, како што соопшти МОН, оценила дека напорите за подобрување на состојбите во образованието и науката добиле потврда од највисоките органи на Европската Унија и се нотирани во Извештајот за напредокот на Македонија за 2026 година.
-Сите цели од Реформската агенда во делот на образованието и науката, предвидени за периодот досега, се исполнети и за тоа добиваме поврат на средства во државниот буџет во износ од 19,2 милиони евра. Пристапивме одговорно и работевме посветено, така што дел од целите се остварени и предвреме – изјавила Јаневска.
Таа посочила дека во изминатиот период е зајакната законската регулатива и стратешката рамка во образованието, донесени се нови законски решенија и Стратегијата за образование 2026–2032 година, а проширена е и мрежата на регионални центри за стручно образование и обука.
Нагласила дека е интензивиран процесот на оптимизација на училишната мрежа и нејзино приспособување кон демографските промени, проширен е концептот на едносменско работење, а во основното и средното образование се воведени кариерни советници.
Министерката информираше и дека се усвоени нови формули за финансирање на основното и средното образование, а со сет мерки е зголемен интересот за стручно образование. Според неа, повеќе од 70 отсто од учениците во една генерација избираат да се образуваат во стручни училишта, додека бројот на компании што овозможуваат практична обука достигнал 1.000.
Унапреден е и системот за образование на возрасните, вклучително и неформалното образование и валоризацијата на стекнатите знаења и вештини.
Во областа на науката, Јаневска посочила дека Владата ја формирала Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, која веќе функционира, како и дека е продолжено активното учество во европските програми за наука и иновации, меѓу кои COST и „Хоризонт Европа“.
– Образованието се развива и како дигитална сфера, каде што вештачката интелигенција е интегрирана во наставата, а унапредена е и инклузијата со вклучувањето на рекорден број од 1.602 образовни асистенти во основното образование и за првпат 190 во средното образование – додала Јаневска.
На состанокот присуствувале и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, претставници на повеќе институции, Европската Унија, меѓународни организации и граѓанскиот сектор.
Јаневска на крајот од обраќањето ја истакнала потребата од итно донесување на предлог-законите за високото образование и за науката, оценувајќи дека од нив се очекува многу, но дека нивното усвојување е закочено во Собранието поради, како што рече, недоволната свесност за нивната важност кај дел од политичките субјекти.
ноември 27, 2026

