Вести
Кравите од Крива Паланка ќе одат во затвор
Започна оперативната реализација на Акцискиот план за организирано заловување, собирање, ветеринарно-здравствена контрола, транспорт и привремено сместување на говеда одземени со правосилни решенија на подрачјето на Општина Крива Паланка, усвоен на минатата седница на Владата, а во чии рамки денеска на состанок на Координативниот штаб во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, беа прецизирани конкретните активности и задолженија на вклучените институции.
На состанокот, како што информираат од МЗШВ, биле дефинирани потребните човечки и технички ресурси, организацијата на теренските активности и расположливите логистички капацитети, при што се утврдил и план за постапување со конкретни задолженија за секоја од институциите вклучени во процесот.
– Со воспоставувањето на овој механизам на институционална координација создаваме оперативни предуслови за системско и трајно надминување на проблемот со кој се соочуваат жителите на Крива Паланка. Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните. Од суштинско значење е секоја институција одговорно и ефективно да го реализира својот дел од преземените обврски – истакнал министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски.
Како следен чекор во спроведувањето на Акцискиот план, Координативниот штаб го утврдил пристапувањето кон мапирање на локациите на кои е концентриран добитокот, при што сознанијата за неговата бројност и распространетост, како и за пристапноста на локациите, ќе бидат основа за спроведување на следните активности.
– Во однос на згрижувањето и понатамошното располагање со одземениот добиток, во почетната фаза е предвидено животните да бидат примопредадени на Казнено-поправниот дом Идризово и Казнено-поправниот дом Прилеп. Разгледана беше и можноста, во текот на процесот и во согласност со законските прописи, дел од добитокот да биде отстапен на здруженија на сточари и на млади сточари – велат од Министерството.
Во реализацијата на Акцискиот план се вклучени Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Бирото за процена, чија работа ќе се одвива преку воспоставениот механизам на координација и континуирано следење на реализацијата на преземените задолженија.
ноември 27, 2026


