Вести
„Хема-онко“: Се очекува „паклитаксел“ од вторник да го има на Онкологија, а „анастрозол“ во аптеките по 15 декември
Лекот „паклитаксел“ за онколошките пациенти се очекува од вторник да го има на Клиниката за онкологија. За лекот „анастрозол“ од претставништвото на „Плива“ во Скопје ни кажаа дека поради проблеми во производството, се надеваат дека ќе го има по 15 декември – изјави за МИА, Ана Марјановиќ, од Здружението посветено на пациенти со рак и нивни негуватели „Хема-онко“.
– За „паклитаксел“ информацијата ја добив од Клиниката за онкологија и од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) дека не станува збор за неплаќање. Мислам дека проблемот е „Галинос фарм“ преку кого се набавуваат двата лека што се на позитивната листа – рече Марјановиќ.
Таа посочи дека доколку онкологот одлучи дека на пациентот не може да му се даде заменска терапија за „паклитаксел“, тогаш тоа треба да го напише во извештајот и Клиниката за окологија да издаде изјава дека во моментот лекот го нема. Појасни дека со таа изјава, фискалната сметка од лекот, кој приватно е купен од пациентот и извештајот од онкологот, Фондот ги рефундира средствата.
– При недостиг на „анастрозол“ се укажува на примање заменска терапија, но сите пациенти немаат иста толеранција, а некои од нив и ги нема – додаде Марјановиќ.
ноември 27, 2026

