Свет
Вработените во „Амазон“ во Германија ќе штрајкуваат на „Црн петок“
Германскиот синдикат „Верди“ повика на штрајкови на 11 локации на „Амазон“ во Германија, кои ќе се совпаднат со овогодишната распродажба на „Црн петок“, соопшти денеска синдикатот.
Синдикатот има цел да го убеди американскиот малопродажен гигант да склучи правно обврзувачки колективни договори.
– И покрај масовното заплашување, вработените во „Амазон“ штрајкуваат за признавање на колективните договори за малопродажниот сектор и за колективен договор за добра и здрава работа – изјави Силке Цимер, членка на националниот извршен одбор на „Верди“, одговорна за малопродажба.
Според „Верди“, опфатените германски локации се во Лајпциг, Бад Херсфелд, Дортмунд, Верне, Рајнберг, Менхенгладбах, Франкентал, Гера, Грабен, Кобленц и Ахим.
Синдикатот вели дека платите во „Амазон“ често не се доволни за живот и оти работата во неговите магацини претставува значителен физички напор за вработените.
„Ова вклучува монотони работни процеси во дистрибутивните центри, тежок товар и стратегијата на малопродажниот гигант за агресивно следење на работното место“, соопшти „Верди“.
Синдикатот наведува дека се користат дигитални следачи за надзор на приближно 40.000 вработени на секој чекор од нивната работа.
Според „Верди“, штрајкот во „Амазон“ во Германија е дел од светскиот ден на акција на меѓународната синдикална федерација „УНИ Глобал“ под слоганот „Натерајте го Амазон да плати“ (Make Amazon Pay).
Одговарајќи на најавата, „Амазон“ соопшти: „Испорачуваме посигурно од кога било“. Компанијата вработува околу 13.000 сезонски работници во Германија.
Портпарол на компанијата изјави дека „Амазон“ цврсто ги отфрла повторените паушални обвинувања на синдикатот и нагласи оти компанијата не користи дигитални следачи.
– Користиме систем за управување со резерви, како што е вообичаено во индустријата. Благодарение на многу добрите процеси и однапред осмисленото планирање, нашите вработени имаат обем на работа со кој може да се управува – рече портпаролот.
Тој додаде дека компанијата исто така ги зголемува платите секоја година и оти просечната почетна плата изнесува 16,66 евра (18,26 долари) на час. Повеќе од половина од вработените се во компанијата повеќе од пет години, наведе тој.
Германската минимална плата, која во моментов изнесува 13,90 евра на час, следната година треба да се зголеми на 14,60 евра.
„Црн петок“ (Black Friday) настана како продажен настан во САД. Се паѓа во петокот веднаш по американскиот Ден на благодарноста, кога трговците на мало нудат попусти за да ги привлечат купувачите, и често се смета за почеток на божиќната шопинг-сезона, а денес е проширен и во други делови од светот.
ноември 26, 2026


