Економија
Костовски за Алта банка АД Битола: Ја поддржувам секоја законска мерка со која ќе се заштитат штедачите, доверителите, вработените и стабилноста на банкарскиот систем
Јас не сум овде да барам Алта банка да пропадне. Никако! Напротив, ја поддржувам секоја законска мерка со која ќе се заштитат штедачите, доверителите, вработените и стабилноста на банкарскиот систем, порача во своето воведно обраќање Трифун Костовски поранешен главен акционер и претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард банка пред пратениците на Комисијата за финасирање и буџет на денешната надзорна расправа „Причини за воведување на администратиција во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“. Костовски истакна дека токму случајот Алта банка АД Битола денес отвора прашање кое шест години лично си го поставува и за Еуростандард банка.
– Законот за банките предвидува администрација, како инструмент кога постојат околности што можат сериозно да загрозат солвентност на една банка. Ако администрацијата денес е законски инструмент со кој на Алта банка и се дава време и можност за стабилизација, зашто истиот инструмент не беше применет за Еуростандард банка во 2020 година? Еуростандард банка не беше банка од која ние акционерите бегавме и денеска стоиме тука. Клучниот супервизорски извештај врз основа на кој Народна банка постапуваше беше од 2019 година. Ние како акционери и вработени ги плативме изречените казни, презедовме корективни мерки и вложивме околу 13,5 милиони евра свеж капитал единствено со цел банката да се стабилизира, да се продолжи со работа. Оваа докапитализација беше само на шест месеци пред носењето на наредбата за стечај, точно во времето кога влеговме во пандемијата ковид-19 и вонредната, да не кажам, состојба во која што ни беше одземено правото за присилна наплата на доспеани побарување, а претходно Народна банка ни го зема правото за работа со правни и физички лица – рече Костовски.
Поранешниот главен акционер и претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард банка, Костовски го презентираше и редоследот на настаните за стечајот на Еуростандард банка, а постави и прашање која законска претпоставка за администрација кај Еуростандард банка не била исполнета. Тој побара член, критериум, бројка и документ од Народна банка.
-Постои прашање на капитална адекватност. На 12 август 2020 година во документацијата врз која се темели одлуката на Народна банка се појавува капитална адекватност од околу минус 4%. Само два дена подоцна, според документацијата со која располагаме, стечајната екипа прикажува капитална адекватност близу 7%. Од минус 4 до плус 7% за два дена во банка која веќе не работи? Која бројка е точна? Со која методологија е добиена? И кој независно ја проверил пресметката врз основа на која една банка престанала да постои? Дополнително, завршната сметка поднесена од именуван стечаен управник и подоцнежното создавање и распределување на значајна стечајна маса отвораат уште едно прашање: дали реалната состојба на актива на банката била правилно утврдена во моментот кога и беше одземена дозволата – праша Костовски.
Пратениците во македонското Собрание Миле Талевски и Дафина Стојаноска му поставија и прашања на Костовски, а пратеникот Талевски реагираше за, како што рече, држење на лекции на актуелните пратеници од страна на сведоци, кои и претходно биле народни избраници. Талевски праша какви конкретни сознанија има или пак дали поседува документи за влезот на Алта банка во земјата и дали Костовски, кој доаѓа од бизнис секторот лично го познава контраверзниот сопственик на Алта банка во Србија, Давор Мацура.
-Од лицата кои ги споменавте никого не познавам, ниту сакам да познавам. Не сум имал прилики со такви лица да се видам. Затоа ве молам, како бивш пратеник овде, имајте почит кон она што јас како пратеник во тоа време сум го држел и сакам да се имплементира меѓу вас – одговори Костовски.
Пратеничката Дафина Стојаноска праша дали Костовски во периодот на затварањето на Еуростандард банка има лично остварено средба со тогашниот премиер Зоран Заев, министерката за финансии Нина Ангеловска и гувернерката Анита Ангеловска-Бежовска? Пратеничката Стојаноска посочи и дека Костовски во изминатиот период го поддржува и воведувањето на администрација на Алта банка, со цел нејзина стабилизација и обид да се обезбеди нов сопственик.
– Средба со Заев не сум имал, Ангеловска ниту сум ја познавал. Јас сум бил акционер, последната година не бев ниту претседател ниту член на надзорниот одбор. Имам информација, тоа синот мој ми покажа дека денот 12 август кога е однесена банката во стечај, мојот син имал средба со тогашниот технички премиер, Оливер Спасовски, на која што било разговарано евентуално да се запре било каков процес, бидејќи ние како акционери имаме голема желба банката да не оди во стечај. Сакам да кажам два моменти што се многу битни. Зошто ова го велам? Банката се носи во стечај кога немаме ниту Влада, ниту Собрание. Немаме институции. Соработката меѓу институциите е неопходна ако е во прашање интересот на државата и граѓаните. Затоа ја поддржувам Владата што застанала заедно со Народна банка да ја спаси Алта банка и ќе најде начин како да ја спаси и да ги заштити нашите правни, физички лица кои се денеска дел од нас – посочи Костовски.
Тој истакна дека шест години ја бара правдата и исто толку време сите врати на институциите му се затворени.
-Тоа е процес којшто трае шест години, во која голгота легнувам и станувам со тој проблем како тоа можеше мене да ми се случи. Никојпат не сум имал намера да измамам или да украдам од некого. Меѓутоа, тоа во мојата Македонија ми се случи и ја барам правдата. Дали ќе успеам до крајот – не знам. Меѓутоа, не отстапувам ниту сегмент од она да дојдам до вистината – порача Костовски.
ноември 25, 2026

