Економија
Ивановски: НБ нема побарано проверки за лица коишто биле дел од управниот или надзорниот одбор на Алта банка
Управата за финансиска полиција нема отворено предмет, нема добиено пријава или известување и не располага со сознанија за евентуално сторено кривично дело поврзано со Алта банка – истакна директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски на надзорната расправа во Собранието за Алта банка.
Тој нагласи дека Народната банка досега не доставила барање за проверки ниту известување за евентуални незаконитости, а од српските институции не е пристигнато барање за постапување преку официјалните канали на меѓународна соработка. Ивановски посочи дека Финансиската полиција не е регулатор на банкарскиот систем, туку истражен орган кој постапува по насоки на јавен обвинител или врз основа на законски утврдени индиции за сторено кривично дело.
Одговарајќи на прашањата на пратеникот Митко Трајчулески, кој побара информации дали Управата ја следела трагата на парите со кои била преземена Стопанска банка Битола и дали биле проверувани изворите на финансирање на аквизицијата, Ивановски рече дека не постои предмет по кој би се постапувало во таа насока. Тој нагласи дека до Управата не било доставено известување од Народната банка, ниту пак постоеле индиции што би наложиле отворање предистражна постапка.
-До денес можам најодговорно да тврдам дека Народната банка ниту има доставено известување до нас, ниту има побарано од нас за некакви евентуални проверки за одредени лица коишто биле дел од управниот или надзорниот одбор. Пак ќе нагласам, Управата за финансиска полиција не е ниту регулаторно тело, ниту ревизорско тело коешто треба да го контролира влезот во одредена банка или банкарското работење коешто е уредено со Законот за банки – нагласи Ивановски.
Во однос на прашањето на пратеничката Ели Панова дали од 2023 година до сега Финансиската полиција добила пријави или барања за проверка на Алта банка Белград и преземањето на Стопанска банка Битола, директорот одговори дека такви информации не се доставени до институцијата. Тој објасни дека системот за откривање сомнителни трансакции функционира преку Управата за финансиско разузнавање, која во случај на сомневања подготвува извештаи што се испраќаат до надлежните органи, но дека за Алта банка досега не е доставен таков извештај.
– Доколку Управата има нотификација и аларм од страна на одредена банка дека се работи за сомнителна трансакција, Управата за финансиско разузнавање врши анализа и изготвува извештај и истиот го доставува или до нас или до Јавното обвинителство. Досега немаме доставено таков извештај конкретно за оваа банка за одредени сомнителни трансакции. Но сакам да појаснам и друга работа. Сомнителни трансакции во одредена банка и во банкарското работење не значат незаконско работење на банката, туку значи нешто коешто има потенцијални сторители за кривично дело, а не навлегувам во делот на законското или незаконското работење на банката каде што регулаторен орган е Народната банка и при евентуално констатирано кривично дело или индиции за кривично дело, Народната банка е таа којашто треба да алармира во овој случај и да достави до нас или до обвинителство или до МВР, да достави известување и врз основа на тоа известување да ги достави сите докази и аргументи и индиции коишто ги има за одредено сторено кривично дело – појасни Ивановски.
Одговарајќи на прашањето на пратеникот Блерим Беџети дали постојат индиции за незаконско работење или политички влијанија поврзани со банката, Ивановски повтори дека Управата нема предмет за Алта банка и не може да постапува врз основа на претпоставки. Тој ги повика сите институции, пратеници и граѓани кои располагаат со конкретни докази за евентуални незаконитости да ги достават до Финансиската полиција или до Јавното обвинителство, со цел тие да бидат соодветно проверени.
Во воведното обраќање, Слободан Ивановски истакна дека Управата има надлежност да открива и документира финансиски криминал, но не учествува во издавање дозволи за банки или во банкарска супервизија. Тој посочи дека воведувањето администрација во банка само по себе не претставува доказ за кривично дело и дека институциите постапуваат врз основа на факти, докази и законски надлежности.
ноември 25, 2026

