Регион
Федерацијата БиХ го одбележува Денот на државност на БиХ, додека Република Српска не го признава празникот
Федерацијата Босна и Херцеговина денеска одбележува Ден на државноста, но Република Српска не го признава празникот. Членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ им честиташе празник на граѓаните на Федерацијата БиХ и упати критики кон РС, истакнувајќи оти го негираат државниот континуитет и историски факти од Втората светска војна.
– Ова е еден од најзначајните датуми во нашата долга историја. Делегатите на Државниот антифашистички совет за национално ослободување на БиХ (ЗАВНОБиХ) ги направија горди сите граѓани и народи во БиХ. Денот на државноста не е празник што некого дискриминира или исклучува; тоа е празник што ги обединува луѓето, истакна Беќировиќ.
Тој додаде дека „некои лидери од РС продолжуваат да го негираат континуитетот на БиХ“ и оти „тие треба да се соочат со вистината, или барем да научат некои основни уставни и правни факти“.
Според Беќировиќ „Членот 1 од Уставот на БиХ јасно го утврдува континуитетот на БиХ, експлицитно наведувајќи дека Босна и Херцеговина го продолжува своето правно постоење според меѓународното право како држава“.
Тој се осврна и на тврдењето дека во БиХ за време на Втората светска војна наводно постоеле две антифашистички движења.
– Постоеше само едно: Титовото антифашистичко движење, кое ја обнови државноста на Босна и Херцеговина. Четничкото, односно Равногорското движење, беше фашистичко движење кое имаше геноцидна идеологија и геноцидна програма, наведе Беќировиќ, додавајќи оти антифашистичкото партизанско движење и четничкото движење никогаш не можат да се изедначат.
Одбележувањето на Денот на државноста на БиХ, што се слави само во рамките на Федерацијата БиХ, почна утрово на ридот Хум над Сараево, каде што официјални претставници присуствуваа на свеченото кревање на знамето и изведувањето на државната химна. На свеченоста покрај Беќировиќ, присуствуваше и потпретседателот на Федерацијата БиХ, Игор Стојановиќ, градоначалникот на Сараево, Самир Авдиќ и други официјални лица и политичари.
Централниот настан ќе биде свечен прием што ќе се одржи вечерва во зградата на Претседателството на БиХ, чии домаќини ќе бидат Беќировиќ и Даријана Филиповиќ, член на Претседателството, која го претставува хрватскиот народ.
Во БиХ не постои унифициран закон за празници на државно ниво.
ноември 25, 2026


