Општини
Средба на градоначалникот Грозданов со претставници од Здружението „16 Март 2025 – Кочани“ во пресрет на новогодишните празници
Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов и претставници од Здружението „16 Март 2025 – Кочани” денеска оствариле средба на која разговарале за организирањето на претстојните новогодишни и божиќни празници. Целта на оваа средбата била да се усогласат ставовите и да се внесе хармонија во одбележувањето на претстојните празници.
– Сакаме Кочани достоинствено, со почит кон болката на семејствата, но и со внимание кон потребите и чувствата на сите граѓани, да ги одбележи новогодишните и божиќните празници. Празничната радост не треба да ја негира тагата, туку да биде порака дека животот продолжува, дека сме заедно и дека Кочани треба да остане град на животот, надежта и човечноста – се наведува во соопштението од Општина Кочани, во кое е цитиран градоначалникот Грозданов.
Како што се наведува во соопштението, семејствата на најтешко погодените од трагедијата во Кочани се заблагодариле што градоначалникот сметал дека е важно да го слушне и да го почитува нивното мислење.
– Нашиот став како родители на трагично загинатите деца е јасен. Како што Кочани се украсуваше и се организираа новогодишни и божиќни прослави во годините пред трагедијата, така нека биде и оваа година. Градот нека биде украсен, нека има музика, радост и празнична атмосфера, како што доликува. Нашата болка не треба да биде причина децата и младите да бидат лишени од празничната радост. За нас, родителите, празниците никогаш повеќе нема да бидат исти. На нашите трпези засекогаш ќе недостигаат нашите деца. Но, не сакаме целиот град да живее во тага. Животот мора да продолжи, особено за младите генерации. Не сакаме Кочани да биде град во кој ќе згасне радоста, туку град во кој никогаш повеќе нема да згасне млад живот – кажале родителите на починатите во „Пулс“, по средбата со градоначалникот Грозданов.
ноември 21, 2026


