Вести
Mладите во Македонија се осамостојуваат дури на 32 години

Младите во Европската Унија во 2024 година во просек го напуштиле домот на своите родители на возраст од 26,2 години, што претставува благо намалување во однос на 2023 година, кога просекот изнесувал 26,3 години, покажуваат најновите податоци на Евростат објавени во септември.
Север – порано, Југ – подоцна
Вообичаено, младите од северните европски држави порано заминуваат од семејниот дом, додека во јужните и балканските земји остануваат подолго.
- Финска е на врвот со најмлада просечна возраст – младите таму се осамостојуваат на 21,4 години, по што следат Данска (21,7) и Шведска (21,9).
- На спротивниот крај е Хрватска, каде младите во просек остануваат со родителите до 31,1 година, потоа Словачка (30,9), Грција (30,7), Италија (30,1) и Шпанија (30,0).
Македонија и Балканот
Според последните достапни податоци за Македонија (2023), младите во земјава во просек го напуштаат домот на 32,1 година, што ја става Македонија меѓу земјите каде младите најдоцна се осамостојуваат. Најдолго во Европа остануваат младите во Црна Гора – до својата 33,3 година.
Трендови од 2002 година
Евростат бележи дека просечната возраст на осамостојување во ЕУ во изминатите две децении се движи меѓу 26,1 години (2019) и 26,8 години (2006).
Животни трошоци и преоптовареност со домување
Во услови кога цените за домување се тема на постојана дебата, младите во ЕУ се повеќе погодени од трошоците. Во 2024 година, 9,7% од младите на возраст 15–29 години живееле во домаќинства кои трошеле 40% или повеќе од расположливиот приход за домување, наспроти 8,2% кај вкупното население.
- Највисоки стапки на „преоптовареност“ со трошоци за домување имале Грција (30,3%) и Данска (28,9%).
- Најниски стапки се забележани во Хрватска (2,1%), Кипар (2,8%) и Словенија (3,0%).
Во дури 16 земји на ЕУ, младите се повеќе изложени на високите трошоци за домување во споредба со вкупното население – најмногу во Данска, каде разликата достигнува 14,3 процентни поени, а потоа во Холандија (8,4 п.п.).
септември 25, 2025