Connect with us

Свет

Приоритетите на литванското претседателство со ЕУ ќе бидат одбраната и солидарноста со членките на Истокот

Литванија планира нејзини клучни приоритети на ротирачкото претседателство со ЕУ, што ќе почне на 1 јануари, да бидат зајакнување на европските одбранбени капацитети и солидарност со членките на надворешните граници на ЕУ.

Во нацрт-верзијата на работната програма, до која имаше пристап германскиот портал Table.Briefings, се наведува дека литванското претседателство со ЕУ има намера да формира нова работна група на Советот за економска безбедност.

Литванија официјално ќе ја претстави работната програма на 9 декември, а „грешно објавениот нацрт“, како што објави владата на земјата, не е конечен.

Според нацрт-верзијата, војната на Русија во Украина бара сосема нова европска безбедносна и архитектура на отпорност, а во овој контекст Литванија ја нагласи потребата од силни трансатлантски односи преку поблиска соработка со САД и посилни врски со истомисленички партнери, како и потребата одбранбените капацитети на ЕУ да останат интероперабилни со НАТО.

Во однос на приоритетот на солидарноста со членките на надворешните граници на ЕУ, Литванија смета дека балтичките земји носат непропорционално голем товар во обезбедувањето на источната граница на Унијата, како и дека нападот на Русија врз Украина мора да се смета за напад врз Европа како целина.

Литванија, објави Table.Briefings, планира мотото на своето претседателство со ЕУ да го направи „Унија што дејствува и стои обединета“.

Кога станува збор за проширување, за Литванија тој процес е геостратешка неопходност и главниот фокус на претседателството ќе бидат преговорите за пристапување на Украина и реформите на таа земја.

Литванија, според работната нацрт-програма, има намера да постигне „максимален напредок“ за време на претседателството со ЕУ во пристапувањето на Украина, Молдавија и Западен Балкан. Исто така, се планира да се подобри работата на договорот за пристапување на Црна Гора во ЕУ.

Во однос на мировните преговори за Украина, Литванија сака да осигури дека ЕУ ќе ја задржи својата политика на непризнавање на териториите нелегално окупирани од Русија, се наведува во нацрт-програмата на шестмесечното претседателство.

Во неа се споменати и други области на работа на литванското претседателство со ЕУ, вклучувајќи ги трговијата, енергетиката, климатската политика, меѓусекторската координација, намалувањето на бирократијата, телекомуникацискиот сектор, дигиталното евро, вештачката интелигенција… 

Ad
Ad